Северна Македонија пред две години стана триесетта земја-членка на НАТО. Во вонредни околности, кога светот се соочуваше со пандемијата на Ковид-19, вршителот на должност амбасадор на земјава во САД Вилма Петковска во Вашингтон му го предаде оригиналниот документ на ратифакиција од Преспанскиот протокол за членство на помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија амбасадорот Филип Рикер.
Датумот 27 март 2020 година беше означен како историски, а честитки пристигнаа од лидери од земјава, од лидерите на САД и НАТО. Добредојде во НАТО ни посакаа генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, тогашниот американскиот државен секретар Мајк Помпео, претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен…
Церемонијата на депoнирање на инструментот во МНР ја следеа тогашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров и американската амбасадорка Кејт Брнз. Претседателот Стево Пендаровски во видео изјава нагласи дека станува збор за историски успеси кои по три децении независност конечно ја потврдуваат македонската безбедност и ја гарантираат нашата иднина.
На 30 март 2020 година македонското знаме беше кренато пред седиштето на НАТО во Брисел, на церемонија со која се означи официјалното пристапување на земјава во Алијансата. Знамето беше кренато додека се интонираше македонската химна. Пред свеченото кревање на знамето добредојде на нашата земја во НАТО посака генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Свечената церемонија на подигање на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видео врска во Скопје ја следеше тогашниот премиер Оливер Спасовски.
Знамето на Република Северна Македонија беше кренато и во Командата на сојузничките сили за операции во Shape – Монс и Команда на сојузничките сили за трансформации во Норфолк, Вирџинија.