Македонија доби регистар на подземни води

by Fokus

За прв пат во Република Северна Македонија е изработен и презентиран Национален регистар на подземни води. регистарот е изработен со помош на Швајцарија, со што податоците за овој важен стратешки природен ресурс, собирани и тематски систематизирани од различните институции, се достапни на една централна платаформа.

„Нашата држава има висок процент на користење на подземни води, но досега нивниот потенцијал не беше ниту доволно истражен, ниту искористен и што е најважно, доволно заштитен. Проектот е прв од ваков вид во Република Северна Македонија и е посебно значаен за одржливо управување, идентификување, употреба, заштита и следење на подземните води на национално ниво. Од тука, тоа е основа и за воспоставување и креирање на ефективни и ефикасни политики“ , изјави министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.

Таа нагласи дека со дигитализирањето, не само на податоците, туку и на процедурите и известувањето се олеснува пристапот до истите, извршувањето на процесите за управување со подземните води и се скратуваат постапките за издавање на управни акти за користење и испуштање на води.

“Нема живот без вода. Иако тоа е многу очигледно, многу често, вредноста на водата е занемарена и свеста за итноста да се воспостави ефективен систем за заштита и управување на водите на одржлив начин, е ниска. Предизвикот е уште поголем, кога станува збор за подземните води, бидејќи тие се невидливи за нас. Една клучна компонента на одржливото управување со подземните води е воспоставувањето, одржувањето и користењето на
Системот за управување со податоците за подземни води, кој се нарекува и Национален регистер/катастар на подземни води поддржан од Владата на Швајцарија“,  изјави амбасадорката на Швајцарија Н.Е Вероник Улман

Националниот регистар на подземни води на Република Северна Македнија обработува 13 процеси и 65 тематски целини. Националниот систем за податоци и нивно управување вклучува собирање на податоци, нивна дигитализација и конверзија. Овој систем ги следи барањата на националното и европското законодвство и со него се имплементираат две европските директиви – Рамковната директива за води и Директивата за подземни води.

Од Министерството за животна средина објаснуваат дека регистарот е дел од Националниот информативен систем за животна средина со што се зголемува транспарентноста, се поедноставуваат административните процедури и им овозможува на носителите на одлуки да ги донесат врз основа на веродостојни податоци.

Дополнително,  како што објаснуваат од Министерството, тој ќе овозможи достапност на податоци на заинтересираните граѓански организации со обезбедување пристап до одредено ниво, со што целиот процес на управување со подземните води ќе биде потранспарентен и со поголема одговорност и отчетност на институциите.

„Во рамки на проектот се изработи мобилна апликација, која претставува помошна алатка за спроведување на процесот на контрола и инспекторирање, бидејќи вклучува податоци и за издадени дозволи. Со цел ефикасно спроведување на овој процес беше изработено упатство за користење и е спроведена обука“, велат од Министерството за животна средина.

Проектот е финансиран од Швајцарската Конфедерација, преку Швајцарската Амбасада во Република Северна Македонија и Швајцарската Агенција за Развој кои се долгогодишни партнери и поддржувачи на проектите за заштита на животната средина, а е спроведуван од страна на Конзорциумот Интелитенг Нетворк Солушанс (ИНС) и Градежен Институт Македонија.

Поврзани новости