-Премногу сум возбудена, ова е прв пат во животот некој да направи нешто добро за мене, не знам што да мислам,како да се однесувам, како да се заблагодарам – со растреперн глас раскажува Драгица Јованова, жената за која што вчера пишувавме, а која што апелираше за кров над глава и било каква работа, со цел да може да си ги земе децата од домот ,,11 Октомври’’ да живеат со неа. Нејзиниот ангел чувар, како што вели е шоуменот Боки 13, кој што веднаш по објавата на сторијата се понуди да и помогне.
Боки веќе ја смести Драгица во удобен стан, за кој што во рок од една година ги подмирил сметките, а во меѓувреме и понудил повеќе опции за работа.
,,За прв пат во мојот живот плачам од среќа. Огласот во кој што барав сместување и работа го објавив уште во месец септември. Се објавуваше многу пати досега, но никој од било која институција никогаш не ми се јави да ме праша која е мојата мака, или пак да ми понуди помош, за да можам да бидам заедно со моите деца.
Помошта ми додје ненадејно, кога вие од ,,Фокус’’ синоќа ме изненадивте со вашиот повик, а потоа, уште рано изутрина прекрасниот Боки ми го смени животот со својата добрина. Не знам како да му се заблагодарам, ова е нов почеток за мене и моите деца. Никогаш не сум имала свој дом, не сум живеела сама, знам дека ќе ми треба време да се прилагодам. Малку да се смирам, па ќе ги разгледаме и понудите за работа кои што ми ги предложи Боки. Ова ми е шанса која што не треба да ја пропуштам и ќе го дадам најдоброто од себе за да успеам’’ – вели кратовчанката, мајка на четиринаесет годишниот Христијан и на шест годишната Моника.
,,На децата сеуште ништо им немам кажано. Планирам во сабота да им ја соопштам радосната вест, за која што сеуште мислам дека е само сон, се плашам да не се разбудам и да ме дочека повторно истата агонија која што ја живеев со години’’ – раскажува Драгица. Таа додава дека Боки се погрижил за се, и и ја вратил вербата во човечноста.
,,Станот е многу убав, се е уредено како што треба, чисто… Боки ми донесе нова гардероба, фрижидерот ми е полн. Ми започнува нов живот, мене и на моите деца. Сакам да им се заблагодарам на сите кои што се јавија и ми понудија помош, за грижата и за хуманоста. А за Боки, да има што повеќе такви луѓе, како него’’ – порача мајката.
Вики Клинчарова