Обвинетите да бидат во затвор додека се живи. Ова денеска на првото судско рочиште го побара мајката на претепаното девојче, за чие убиство се обвинети сопружниците Џемаил Браими и Јасмина Махмуд. Таа накратко објасни колку и е тешко без нејзината ќерка.
– Ништо не ми кажаа кога се вратив од работа, ми велат дека паднало девојчето по скали, само тоа ми кажаа. Не живеевме долго заедно. Не знаев дека ја тепаат ќерка ми, а на син ми му беше страв да ми каже. Сега живеам кај мајка ми и татко ми и браќата, тие ми помагаат ама многу е тешко. Од судот ќе барам обвинетите да бидат во затвор додека се живи – рече Садие Саитова, мајката на убиеното девојче.
Убиството се случи пред повеќе од осум месеци. Соседите го претепале тригодишното девојче со електричен кабел, а ја лажеле мајката дека детето паднало по скалите. Судењето продолжува на 12 декември.