Четврти ден штрајк во термоелектраната „Осломеј“

by Фокус

Четврти ден по ред околу поголема група привремено ангажирани работници во термоелектраната „Осломеј“ го блокираат регионоалниот пат до енергетскиот погон. Тие преку протестот бараат платите да им се изедначат со редовно вработените во термоелектраната, покривање на трошоците за храна и за превоз, опис на работно место и ХТЗ-опрема.

Според информациите од Советот на привремено врабoтени во „Осломеј“ станува збор за 200 незадоволни работници.

Штрајкувачие велат дека ги пропуштаат приватните возила кои се движат кон селата во околината и дека ги блокираат само камионите од и до термоелектраната, кои ги пропуштаат само еден час во денот. Се жалат дека меѓу нив има вработени кои се привремено ангажирани од три па се до 20 години. Како што објаснуваат, очекувале повисоки плати од оние што ги добиваат меѓу 14.000 и 18.000 денари и дека така предвидувал тендерот за привремени работници. Според нив, редовно вработените хигиеничарки добивале поголем личен доход, иако извршувале далеку помалку одговорни и тешки обврски.

Велат дека првите денови имало притиосци, пред сѐ да се поделат штрајкувачите по национална основа, меѓутоа Советот на привремено врабтоени во „Осломеј“ тврди дека последниве неколку дена им се придружуваат оние работници кои подлегнале на суптилните притисоци.

Од РЕК „Осломеј“ велат дека во целост ги исполнува обврските кон работниците во комбинатот чиј статус е регулиран преку агенција за привремени вработувања.

– Како комбинат целосно ги разбираме барањата на работниците дека сакаат да го решат статусот на неодредено време, но треба да имаат во предвид дека тоа зависи и од обемот на работа и реалните потреби и можности на комбинатот. Доколку обемот на работа и финансиските можности го дозволат тоа, ќе ги разгледаме сите опции и ќе се обидеме да излеземе во пресрет на нивните барања. Факт што е добро познат на организаторите на овој протест е дека раководството на „Осломеј“ е секогаш подготвено за средби со работниците со цел заеднички да се разгледаат нивните барања. Воедно, ги отфрламе како сосема неточни изнесените информации во јавноста дека платите на сите привремено ангажирани работници изнесуваат 12.000 денари. Износот кој се исплаќа редовно и без било какво задоцнување зависи од индивидуалната стручна подготовка, како и од работните позиции на кои се распределени работниците – велат од раководството на термоелектраната.

Со оглед дека „Осломеј“ е објект од стратешко значење, раководството апелира до работниците да се воздржат од обидите за блокирање на пристапот до комбинатот, бидејќи тоа би можело да се одрази и врз нормалното фунционирање на овој капацитет.

Поврзани новости