Мајката на убиениот Александар од прилепско: Јас го жалев убиецот на син ми, оти беше без татко, тој сите не зацрни!

by Fokus

Не можеме да се совземеме од трагедијата која ни се случи. Нашиот син Александар повеќе го нема, и постојано се прашуваме дали ова можеше да се спречи. Нели знаела мајката на убиецот дека тој има ножеви, дека е проблематичен, нели знаеле нешто од Центарот за социјална работа од Прилеп, кога и на училиште се однесувал проблематично? – со растреперен глас за ,,Фокус” зборува Маријана Димова од Сенокос, Прилеп.

Животот на нејзиниот син Александар (14) згасна на 29-ти февруари, околу 19.30 часот. Беше усмртен со десет убоди од нож, а осомничениот 16-годишник, веќе е во 30-дневен притвор, определен од судија за деца, а по барање на прилепското обвинителство.

Маријана вели дека момчето осомничено за убиството на Александар го знаела од видување, бидејќи живеат во исто место, а во минатото повремено се дружел и со нејзиниот син. Раскажува дека таткото на осомничениот починал пред околу 12 години, бил убиен од човек од селото, и таа дури кога го гледала како мало момче, го сожалувала.

-И јас останав без татко на мои 11 години, затоа кога ќе го сретнев во село, ми беше жал за него, знам како е да си оставен со еден родител. Тој растеше сам со мајка му, и откако потпорасна стана проблематичен. Тоа го знаат и во учлиштето каде посетувал настава. Имаше со него и други проблеми, за време на верскиот празник Коледе годинава тој нападна 60-годишен маж со нож. Не знам дали некој некаде пријавувал, но сите знаеа дека е проблематичен, се тепаше и со други деца. Зошто никој ништо не презел, па се дозволи да се случи оваа трагедија?-прашува мајката.

Вели дека со семејството отишле пред зградата во Прилеп каде беше убиен нивниот син. Сакале да го видат местото каде згаснал животот на нивното дете. Таму сретнале наставник кој во минатото му предавал на осомничениот малолетник. Им кажал дека момчето уште од седмо-осмо одделение започнало да се однесува проблематично, да напаѓа деца…

-Ние не знаеме како да го надминеме ова кое ни се случи. Имам уште три деца, сите се малолетни, премногу се потресени, сопругот исто така, постојано е или на гробишта или во болница. Животот ни се преврте!
Од полиција дојдоа, ни кажаа дека во четврток ќе започне судењето. Се надеваме дека ќе има правда и одговорност- вели Маријана.

Додава дека од она кое го дознала, откако го избодел син и со нож, осомничениот заминал дома, каде живеел сам со мајка му. И кажал што се случило, а таа го зела ножот и го сошила во внатрешноста на една фотеља.

-Дознав дека освен што го пронашле ножот, од полиција нашле и дрога и други ножеви во домот на убиецот, имал и список со имиња на други деца. Како мајка, прашувам, како може неговата мајка ништо да не знаела, зошто ништо не презела ниту таа, ниту пак било која служба, кога и во училиштето тој се однесувал проблематично? Можеше ли ова да се спречи?
Откако мојот син беше убиен, таа не е повеќе во селото, заминала кај роднини. Премногу е тешко, не знам како ќе го надминеме ова, осмо одделение беше Александар, животот беше пред него – раскажува мајката на Александар.

,,Фокус” се обиде да стапи во контакт со Центарот за социјална работа во Прилеп, со цел да дознаеме дали осомничениот 16-годишник во минатото бил пријавуван за проблематично однесување, дали и какви мерки биле преземени. Никој не одговори на бројните повици на телефонските броеви истакнати на нивната официјална страница. Се обидовме да добиеме одговор и по електронска пошта, но до објавата на веста, не бевме контактирани од страна на центарот.

Веста за убиеното момче ја потресе земјава. Убиството се случи околу 19.30 часот во четвртокот, а во петокот во раните утрински часови, односно околу четири часот, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода малолетник и В.Т.(21), двајцата од с. Сенокос, поради сомнение за сторено кривично дело „убиство“.

-На 29.02.2024 во 19.37 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на бул. „Гоце Делчев“ во Прилеп било пронајдено лице со повреди, по што билo пренесено во Градска болница Прилеп, каде што лекар констатирал смрт и било утврдено дека се работи за малолетник од Прилеп.

Полициски службеници од ОВР Прилеп заедно со јавен обвинител извршиле увид на местото на настанот, а по судска наредба бил извршен претрес во домот на малолетникот во с. Сенокос, при што биле пронајдени и одземени предмети со кои било извршено кривичното дело.

Со малолетникот бил извршен службен разговор, во кој го признал делото, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против него е поднесена кривична пријава по член 123 од Кривичниот законик-соопштија од МВР по повод настанот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости