Мајката која го остави новороденчето во парк во Топанско Поле ќе добие кривична пријава

by fokus

Малолетната мајка која го остави новороденото бебе во парк во Топанско Поле ќе добие кривична пријава за напуштање на немоќно дете, информира полицијата.

Мајката беше пронајдена вчера ден откако го остави своето новороденчето во паркот, голо и без никаква заштита веднаш по раѓањето.

„Секторот за внатрешни работи Скопје ќе поднесе кривична пријава против А.А (17) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напуштање немоќно дете “, казниво по член 200 од Кривичниот законик. Таа, на 14.05.2019 година околу 11.00 часот на булевар ,,Македонско Косовска Бригада“, своето новородено машко бебе го однела и го оставила на земја во близина на нејзината куќа. Новороденчето било пронајдено од случаен минувач кој повикал Итна медицинска помош, по што бебето било префрлено на Клиниката за детски болести – Скопје, каде било прегледано и било констатирано дека се наоѓа во добра здравствена состојба. По Наредба од Основно јавно обвинителство – Скопје, била извршена споредбена ДНК анализа на А.А со новороденчето и било утврдено дека таа е мајка на новороденчето. После тоа, бил известен и стручниот интервентен тим од Јавна установа – Меѓуопштински Центар за социјални работи – Скопје за нивно понатамошно постапување“, велат од МВР.

Поврзани новости