Пензиониран свештеник, кој сакал да остане анонимен ги платил погребалните трошоци кон АД Бутел во висина од 12.700 денари, бидејќи мајка од Скопје чиј син Слаѓан починал пред неколку дена, на верскиот празник Свети Никола, немала доволно средства да го погреба. Таа заедно со другиот син се наоѓала во самоизолација, а за агонијата низ која минува ова семејство алармираше здружението ,,Куќа на среќата”.
Од здружението информираа дека за помош им се обратиле пријатели на семејството, кои исто така не биле финансиски моќни да го платат погребот.
-Погреб… Но, како да го погреба, со кои пари? Тие едвај врзуваат крај со крај, од каде сега пари за погребалните трошоци? Среќа во цела таа несреќа е што имаат гробно место од нејзиниот починат сопруг, но погребалните трошоци?
Како да ги плати?
Како да ги платат 12.700 денари?
Цена која им е дадена поради нивната ситуација со попуст. Да да попуст! До каде само дојдовме? Да се нема пари да се погреба еден човек! Да се нема пари да се испрати своето чедо да почива во вечен мир!
Болката на оваа мајка со ништо не можеме да ја намалиме, но можеме да и помогнеме да го погреба својот син, на кој не може дури ни на погребот да присуствува. Немаат никој друг кој може да им помогне, оставени сами на себе. Сите кои ги познаваат, ја знаат нивната состојба, знаат во колку тешки услови живеат – пишуваше во апелот за помош.
Вчера од здружението објавија дека Слаѓан е погребан, благодарение на пензиониран свештеник, кој ги платил трошоците. Исто така, информираа дека црковните трошоци не биле наплатени и истите биле спроведени бесплатно од страна на Отец Оливер од црквата Свети Спас – Драчево.
Дополнително, на сметката на здружението ,,Куќа на среќата” според изводите, биле уплатени парични средства во вкупен износ од 2.100 денари, кои ќе биле донирани на семејството со купување на прехранбени производи.
Вики Клинчарова