Маченици, а не осуденици

Пресудите се сѐ повеќе производ на политички договор, отстапки или одмазди и сѐ повеќе создаваат маченици, а сѐ помалку осуденици

by fokus

Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ

Еден француски писател многу одамна кажал дека во правосудството, секогаш постои некаква опасност, ако тоа не е самиот закон, тогаш се судиите.

Приказните за правосудството секогаш му биле интересни на народот, секогаш постоел огромен интерес за настаните што го разбранувале општеството и добиле судска разрешница, дури се снимале филмови и се правеле цели серии. Ниту Македонија не е исклучок, но она што се случува овде е во жанр на комедија или бурлеска, и тоа од многу причини, за кои нема да пишувам сега, а ќе се задржам само на една – целта на казнувањето.

ЦЕЛТА НА КАЗНУВАЊЕТО

Целта и смислата на казнувањето во Македонија е целосно девалвирана и обесмислена , а поради сите случувања, начинот на кој се водат постапките, содржината на обвинителните акти и решавачките факти на кои се базираат пресудите, начинот на кој се толкуваат или измислуваат докази.

Подолг временски период, кој се совпаѓа со почетокот на разнебитувањето на правосудството како систем и негово политизирање и обезличување , казната во кривичните предмети престана да биде логична и осмислена санкција, која има влијание во поглед на генералната превенција и воспитното влијание на сторителот.

Согласно Кривичниот законик, целта на казнувањето е остварување на правдата, како и спречување на сторителот да врши кривични дела и негово превоспитување и воспитно влијание врз други да не вршат кривични дела.

Некогаш, многу одамна, кога судството беше судство и кога судиите имаа и личен и професионален интегритет (меѓу последните беа Агим Мифтари и Дане Илиев), пресудите беа логички заокружена целина, која ја опишува вистината за еден настан , базирана на неспорни докази предложени и изведени во текот на постапката, а казната беше последица на стореното.

Судиите, во вистинската смисла, правораздаваа, а со пресудите се формираше судска, но и животна пракса. Ваквите пресуди, во кои беа образложени доказите и заклучоците што произлегуваат од нив, вообличени со мислењето на судијата, кое произлегува од доказите, се изучуваа и на правните факултети низ тогашна Југославија.

СУДИИТЕ ПОРАНО СУДЕА ВРЗ ДОКАЗИ

Тие беа пример за правораздавање, пример за тоа како се ценат доказите, ја одразуваа судиската логика и, пред сѐ, ги содржеа причините поради кои е некој огласен виновен и причините поради кои му е изречена токму таква санкција.

Во најголемиот број случаи, и обвинетите сфаќаа и прифаќаа дека се одговорни за своето незаконито поведение и дека се виновни за стореното, поради што им се изрекува санкцијата. Тоа беше поради тоа што обвинителството предлагаше материјални докази, кои беа неспорни и квалитетни, а вербалните докази ги поткрепуваа материјалните во целост.

Судиите судеа врз основа на доказите и при одмерувањето на казната, строго и доследно внимаваа на законските одредби за индивидуализација на казната. Немаше такви будалштини во отежителните околности, како што е зачестеноста на кривичното дело,  немаше исфабрикувани и лажни сведоци што се противречни со материјалните докази, измислени заштитени сведоци и уште многу работи што денес се применуваат на голем срам на судството.

Немаше пресуди и предмети, како што се оние за Фаланга, Ликвидација, Шпион, Орешје, Југ и многу други.

Пресудите беа јасни, логични, поткрепени со докази и недвосмислени, а на јавноста ѝ беше лесно да ги разбере, да сфати зошто е некој казнет, што направил и која е пораката што судот преку пресудата ја праќа.

Судиите беа почитувани, не затоа што ја имаа моќта во рацете, туку затоа што имаа личен и професионален кредибилитет и го почитуваа и го ценеа човечкото достоинство и сите права што беа пропишани со законот. Беа писмени и јасни во своите ставови, концизно и логично ги образложуваа причините за одлуката, а нивните пресуди не надминуваа дваесетина страни во најтешките и сложени предмети.

ФРУСТРИРАНИ ОД  НОРМИТЕ

Денешните судии, притиснати од нормата што им е наметната од Судскиот совет преку бројот на предметите што мора месечно да ги реши, од политиката што е длабоко навлезена во судството, исфрустрирани од сопствената немоќ, клиентелистички ориентирани, до крајни граници независно зависни, со широко затворени очи за сѐ што им се случува и што му се случува на општеството, затскриени зад тогите, повеќе не правораздаваат, туку ги „штанцаат“ пресудите бркајќи норма.

Одамна се заборавени и логиката и правото, човечката судбина и правдата, сѐ повеќе е доказ она што обвинителот или партијата на власт ќе го каже, вистината стана неважна, а пресудите сѐ повеќе содржат стотици и стотици страни затоа што мора да се одбрани невистината за што треба многу зборови во недостиг од докази.

Повеќе никој не е уверен и убеден во судските одлуки, ниту обвинетите, ниту јавноста, сѐ повеќе пресудите служат за пример како не треба да функционира судскиот систем и одамна казните престанаа да бидат задоволување на правдата, без никакво влијание на полето на специјалната и на генералната превенција. Пресудите се сѐ повеќе производ на политички договор, отстапки или одмазди и сѐ повеќе создаваат маченици, а сѐ помалку осуденици.

На крајот, поради вистината, должен сум да кажам дека аферата со истечените мандати на судиите поротници се однесува на Апелацискиот суд, а не на Кривичниот, како што стои во мојата претходна колумна.

 

 

Поврзани новости