Секој обид за повторно неколкумесечно одложување на изборите, без да се променат клучните актери на политичката сцена кои ја внесоа државата во вртлогот на пропаст и без да се поместат лостовите за перпетуирање на злото од оската на моќта е однапред осуден на неуспех.
Исто така, секоја небулоза од типот на “влада на национален спас“, во ваква констелација, повторно со истите актери и истите лостови на влијание на сцена ќе биде само ново продлабочување на раздорот и судирите внатре.
Нема излез од кризата без да дојде на сцена експертска влада (од типот на Кљусевата) со широка подршка на партиите во парламентот, со нови ликови кои имаат силно изразен демократски и прогресивен капацитет за просперитетна Европска Македонија, кои би имале храброст, сила и знаење да го премостат постојниот јаз во општеството, со прецизен мандат од најмалку 18 месеци и со одврзани раце да ја стабилизираат кризата и да го ресетираат демократскиот капацитет на државата.
Сегашните актери на политичката сцена, и од двете најголеми политички партии се премногу “зацапани“ во живата кал на омразата и горделивоста, за да повратат доволно доверие од општеството за историски исчекор кон нормалност во политичкото општење.
Ако има малку чест и достоинство во нив, треба да сфатат дека во име и во интерес на нацијата и државата, и од почит кон идните генерации Македонци, треба да се повлечат од сцената и да отстапат простор на малку нормалност во политичкото општење, па и по цена на нивно трајно детронирање од политиката.
Во спротивно, нацијата “на нозе“ ќе мора да се избори за нормалноста. Затоа, бидете подготвени и решителни да застанеме сите “на нозе“!