Луѓето можат да ја урнат диктатурата

by Фокус

Првиот дел од фељтонот „Од диктатура до демократија“ е објавен на 1 февруари 2013.

Подготвил
Александар ДИМИТРОВ

Книгата „Од диктатура до демократија” на почесниот професор на политички науки на Универзитетот во Бостон и основач и претседател на „Алберт Ајнштајн иинституцијата”, Џин Шарп, за првпат е објавена во Бурма во 1993 година. Во САД веќе доживеа четири изданија, а досега е преведена и објавена на повеќе од 30 јазици. За овој поширок преглед на нејзината содржина, длабоките анализи и мудри совети како да се урне диктатурата и луѓето да живеат во мир и слобода, го користевме четвртото американско издание. За оние кои веруваат дека во Македонија цвета демократијата, како и оние за кои актуелниот режим е опишан како диктатура, извадоците од книгата за Шарп што ви ги пренесуваме во неколку продолженија, ќе бидат интересно четиво.

Последниве години, различни диктатури – и од внатрешно и од надворешно потекло – се срушија или се сопнаа кога се соочија со пркосните, мобилизирани луѓе. Иако често изгледаа како цврсто утврдени и неосвоиви, некои од овие диктатури се покажаа неспособни да го издржат заедничкиот политички, економски и социјален пркос на луѓето.

Од 1980 година, диктатурите паѓаа пред претежно ненасилното изразување на пркос на народите во Естонија, Латвија и Литванија, Полска, Источна Германија, Чехословачка и Словенија, Мадагаскар, Мали, Боливија и Филипини. Ненасилниот отпор го помогна движењето кон демократизација во Непал, Замбија, Јужна Кореја, Чиле, Аргентина, Хаити, Бразил, Уругвај, Малави, Тајланд, Бугарија, Унгарија, Нигерија и разни делови на поранешниот Советски Сојуз (играјќи значајна улога за пораз на обидот за државен удар, август 1991, од страна на тврдолинијашите).

Покрај тоа, последниве години масовен граѓански пркос се појави и во Кина, Бурма и во Тибет. И покрај тоа што тие борби не доведоа до крај на владејачките диктатури или на окупацијата, на светот му ја покажаа бруталната природа на репресивните режими, а на населението му дадоа драгоцено искуство за тој вид на борба.

Диктатурите никогаш не се толку силни, колку што мислат дека се, и луѓето никогаш не се толку слаби, колку што мислат дека се!

Уште на почетокот, професорот Џин Шарп, во фуснота, напоменува дека терминот „пркос” кој во овој контекст се користи прв го употребил Роберт Хелви. „Политички пркос” е ненасилна борба (протест, несоработка и интервенција) која пркосно и активно се применува за политички цели. Терминот настанал како одговор на конфузијата и извртувањето создадено за да се изедначи ненасилната борба со пацифизмот и моралното или религиозно „ненасилство”.
„Пркосот” означува намерно предизвикување на власта со изразување на непослушност, не оставајќи простор за било каква покорност. „Политичкиот пркос” го дефинира амбиентот во кој се дејствува (политички) како и целта (политичка моќ). Терминот главно се користи за да опише акција од страна на населението со цел да се повратат институциите на државата од диктаторската контролата, со истрајно и упорно напаѓање на нејзините извори на моќ, користејќи се со осмислено стратешко планирање и операции за тоа да се стори. Во овој труд, напоменува авторот, наизменично ќе се користат термините политички пркос, ненасилен отпор и ненасилна борба.

Падот на диктатурите во наведените земји секако не ги отстрани сите други проблеми во тие општества: сиромаштија, криминал, бирократска неефикасност и уништената човекова околина, кои често се наследство од бруталните режими. Меѓутоа, падот на овие диктатури минимално ги отстрани многуте страдање на жртвите од угнетувањето и го отвори патот за повторна изградба на тие општества со поголема политичка демократија, лични слободи и социјална правда.

sk (9)

ПОСТОЈАН ПРОБЛЕМ

Навистина постои тенденција за поголема демократизација и слобода во светот последниве децении. Според „Фридом хаус”, која секоја година прави меѓународно истражување на статусот на политичките права и на граѓанските слободи, бројот на земјите во светот класифицирани како „слободни” значајно се зголемил последниве години.

Сепак, оваа позитивна тенденција е намалена бидејќи голем број луѓе сѐ уште живеат во услови на тиранија. Во 2008 година, 34 проценти од светското население кое изнесува 6,68 милијарди, живеело во „неслободни” земји, што значи, во области со крајно ограничени политички права и граѓански слободи. 42 земји се „неслободни” и во нив владеат разни воени диктатури (во Бурма), традиционално репресивни монархии (во Саудиска Арабија и Бутан), доминантни политички партии (во Кина и Северна Кореја), странски окупатори (во Тибет и Западна Сахара), или се во состојба на транзиција.

Многу земји денес се во забрзани економски, политички и социјални промени. И покрај тоа што бројот на „слободни” земји се зголеми последниве години, постои голем ризик дека многу народи, соочени со таквите брзи и темелни промени, ќе се движат во спротивна насока и ќе доживеат нови форми на диктатура. Воени клики, амбициозни поединци, избрани функционери и доктринарни политички партии постојано ќе се обидуваат да ја наметнат својата волја. Државните удари се и ќе останат честа појава. Ќе продолжи негирањето на основните човекови и политички права на огромен број луѓе.

Странците може да се вклучат, само кога внатрешното движење на отпорот веќе почнало да ја тресе диктатурата!

За жал, минатото е сѐ уште со нас. Проблемот на диктатурите е длабок. Луѓето во многу земји искусија децении или дури векови на угнетување, без разлика дали од домашно или странско потекло. Беспоговорното покорување на личностите на власт и владетелите, често било длабоко всадено. Во екстремни случаи, социјалните, политичките, економските па дури и верските институции на општеството – надвор од контролата на државата – намерно биле ослабени, потчинети или дури заменети со нововоспоставени институции, користени од државата или од владејачката партија да се контролира општеството. Населението често било атомизирано (претворено во маса на изолирани поединци), неспособно заеднички да работи за постигнување на слободата, да веруваат едни на други, па дури и да направат било што на сопствена иницијатива.

Резултатот е предвидлив: населението станува слабо, недостасува самодоверба и е неспособно за отпор. Луѓето често се премногу уплашени својата омраза кон диктатурата и својата глад за слобода да ги споделат дури и со семејството и со пријателите. Тие често се преплашени сериозно да размислуваат за јавен отпор. Во секој случај, што би било корисно? Наместо тоа, тие се препуштаат на страдање без цел и иднина без надеж.

Актуелните состојби во денешните диктатури може да бидат многу полоши отколку порано. Во минатото, некои луѓе можеби се обидуваа да пружат отпор. Се случуваа краткотрајни масовни протести и демонстрации. Можеби еланот привремено се кренал. Во други времиња, поединци и мали групи преземале храбри но немоќни гестови, покажувајќи некој принцип, или едноставно, својот пркос. Колку и да биле благородни тие мотиви, таквите акти на отпор во минатото често беа недоволни за да се надмине стравот кај луѓето и навиката за послушност, што е неопходен предуслов за рушење на диктатурата. Тажно, но тие акти можеби донеле само поголемо страдање и смрт, а не победи, или дури ниту надеж.

 

СЛОБОДА ПРЕКУ НАСИЛСТВО?

Што треба да се направи во овие околности? Се чини дека очигледните можности се бескорисни. Уставните и законските бариери, судските одлуки и јавното мислење, вообичаено, диктаторите ги игнорираат. Се разбира, реагирајќи на бруталностите, тортурата, исчезнувањето и убиствата, луѓето често доаѓаат до заклучок дека само насилството може да ѝ стави крај на диктатурата. Гневните жртви понекогаш се организираат да се борат со бруталните диктатори, без оглед какви насилни и воени сили можеле да соберат, и покрај малите шанси за успех. Тие луѓе често храбро се бореле, со големо страдање и по цена на својот живот. Нивните постигања понекогаш се значајни, но тие ретко победиле во борбата за слобода. Насилните бунтови може да покренат брутална репресија која често населението го прави уште побеспомошно отколку пред тоа.

Без оглед каква и да е предноста на насилната опција, сепак, едно е јасно. Верувањето во насилни средства значи определување токму на тој тип на борба во која угнетувачот секогаш е надмоќен. Диктаторите се опремени да применат насилство од огромни размери. Независно колку долго или кратко овие демократи може да издржат, на крајот суровата воена реалност станува неизбежна. Диктаторите секогаш се супериорни во оружје, муниција, транспортни средства и бројност на воените сили. И покрај храброста, демократите најчесто не можат да им се спротивстават.

Кога ќе сфатат дека конвенционалниот воен бунт е нереален, тогаш некои дисиденти ја заговараат герилската борба. Меѓутоа, воената герила ретко, ако и воопшто, на угнетеното население му носи полза или воведување на демократија. Герилската борба очигледно не е решение, особено поради можните огромни жртви меѓу сопственото население. Оваа техника не е гаранција против неуспехот, и покрај поддршката во теоријата и во стратешките анализи, а понекогаш, и меѓународната поддршка. Герилските борби често траат долго време. Власта често го раселува цивилното население, со огромно човечко страдање.

Дури и кога се успешни, герилските борби често имаат значајни долгорочни негативни структурни последици. Веднаш, нападнатиот режими станува сѐ повеќе диктаторски поради контрамерките што ги презема. Ако герилците конечно и успеат, тоа резултира со нов режим кој често е повеќе диктаторски од претходниот, поради потребата од централизирано влијание врз зголемените воени сили и слабеењето или уништувањето на независните општествени групи и институции во текот на борбата – тела кои се од витално значење за воспоставување и одржување на демократско општество. Противниците на диктатурите треба да побараат друга опција.

Skopje2014 cool2

ДРЖАВНИ УДАРИ, ИЗБОРИ, СТРАНСКИ СПАСИТЕЛИ?

Државниот удар против диктатурата можеби е еден од релативно најлесните и најбрзи начини да се отстрани одвратниот режим. Меѓутоа, постојат многу сериозни проблеми. Најважниот е што и натаму останува постојната лоша дистрибуција на моќта меѓу населението и елитата која ја контролира државата и нејзините воени сили. Отстранувањето на одредени личности и клики од позициите на власт најверојатно само ќе овозможи некоја друга група да го заземе нивното место. Теоретски, таа група би можела да биде поблага во своето однесување и да е, на ограничени начини, отворена за демократски реформи. Сепак, можно е да се случи спротивното.

По консолидирањето на својата позиција, новата клика може да стане многу посурова и уште поамбициозна од претходната. Како последица, новата клика – во која можеби биле полагани надежи – ќе може да прави што сака без грижа за демократијата или за човековите права. Тоа не е прифатлив одговор на проблемот на диктатурата.

Под притисок, диктаторите понекогаш може да се согласат на нови избори, но тогаш тие ги „местат”, поставувајќи граѓански кукли на државни функции.

Во услови на диктатура изборите не се соодветен инструмент за значајни политички промени. Некои диктаторски режими, како оние во поранешниот источен блок под советска доминација, настојуваа да направат привид на демократија. Таквите избори, меѓутоа, беа само строго контролирани плебисцити со цел кандидатите кои диктаторите веќе внимателно ги одбрале да добијат јавна поддршка. Под притисок, диктаторите понекогаш може да се согласат на нови избори, но тогаш тие ги „местат” поставувајќи граѓански кукли на државни функции. Доколку на опозициските кандидати им беше дозволено да се кандидираат и да бидат избрани, како што се случи во Бурма 1990 и во Нигерија 1993, резултатите едноставно беа игнорирани а „победниците” подложени на заплашување, апсење или дури и на егзекуција. За диктаторите не е својствено да дозволат избори кои би можеле да ги отстранат од нивните престоли.

Многу луѓе кои сега страдаат под брутална диктатура, или кои заминале во егзил за да побегнат од нејзиниот дофат, не веруваат дека угнетените може сами да се ослободат. Очекуваат дека нивните народи може единствено да бидат спасени со акции на другите. Тие луѓе даваат доверба на надворешните сили. Веруваат дека само меѓународната помош може да биде доволно силна за да ги симне диктаторите.

Сфаќањето дека угнетените не се способни ефикасно да делуваат понекогаш е исправно за одреден период. Како што е наведено, угнетените луѓе често не сакаат и привремено не се способни да се борат бидејќи немаат доверба во сопствената способност да се соочат со безмилосната диктатура и не го знаат начинот како да се спасат. Затоа, разбирливо е што многу луѓе се надеваат дека слободата ќе им ја донесат други. Надворешната сила може да биде „јавното мислење”, Обединетите Нации, одредена земја, или меѓународни економски и политички санкции.

Ваквото сценарио може да звучи утешно, но има сериозни проблеми во потпирањето на надворешни спасители. Таквата верба може да е целосно погрешна. Обично, надворешни спасители не доаѓаат, а ако некоја странска држава интервенира, веројатно не треба да ѝ се верува.

Треба да се истакнат неколку сурови факти во врска со потпирањето на странска интервенција:

• Странските држави често ќе ги толерираат, па дури позитивно ќе ги помагаат, диктатурите со цел да ги унапредат своите економски или политички интереси.

• Странските држави исто така може да го изневерат угнетениот народ наместо да ги исполнат ветувањата за помош во неговото ослободување, на сметка на некоја друга цел.

• Некои странски држави ќе дејствуваат против диктатурата само за да добијат економска, политичка или воена контрола врз земјата.

• Странските држави може активно да се вклучат за позитивните цели, само ако и кога, внатрешното движење на отпорот веќе почнало да ја тресе диктатурата и со тоа се фокусирало меѓународното внимание врз бруталната природа на режимот.

Диктатурите постојат пред сѐ поради дистрибуцијата на моќта во земјата. Населението и општеството се преслаби на диктатурата да ѝ предизвикаат сериозни проблеми, богатството и моќта се концентрирани во рацете на неколкумина. И покрај тоа што на диктатурите меѓународните акции може да им користат или донекаде да ги ослабат, нивното опстојување пред сѐ зависи од внатрешните фактори.

Меѓународните притисоци може да бидат многу корисни, кога со нив се поддржува силното внатрешно движење на отпорот. Тогаш, на пример, меѓународните економски бојкоти, ембарга, прекинот на дипломатски односи, исклучување од меѓународните организации, осуда од страна на органите на Обединетите Нации и слично, може многу да помогнат. Сепак, ако нема силно внатрешно движење на отпорот, вакви акции од другите веројатно нема да се случат.

 

sk (21)СООЧУВАЊЕ СО НЕПРИЈАТНАТА ВИСТИНА

Заклучокот е непријатен. Кога се сака соборување на диктатурата најефикасно и со најмала цена, тогаш има четири неодложни задачи:

• Мора кај угнетеното население да зајакне решителноста, самодовербата и вештините на отпорот;

• Мора да се зајакнат независните социјални групи и институции на угнетените луѓе;

• Мора да се создаде моќна внатрешна сила на отпорот; и

• Мора да се разработи мудар главен стратешки план за ослободување и вешто да се спроведува.

Ослободителната борба е време за потпирање врз сопствените сили и за внатрешно јакнење на борбените групи. Како што Чарлс Стјуарт Парнел извика за време на Ирскиот штрајк за кириите во 1879 и 1880:

„Не вреди да се потпирате на Владата… Мора да се потпрете на вашата решителност… Помогнете си да бидете заедно… јакнете ги оние меѓу вас кои се слаби… Поврзете се, самоорганизирајте се… и мора да победите… Кога ќе постигнете ова прашање да биде зрело за решавање, тогаш, и не дотогаш, ќе биде решено.”

Против моќната сила на диктатурата, со мудра стратегија, дисциплинирана и храбра за акција, автентична снага, таа на крајот ќе биде срушена. Но, минимум е наведените четири задачи да бидат исполнети.

Како што досега е назначено, ослободувањето од диктатурите во крајна линија зависи од способноста на луѓето самите да се ослободат. Наведените примерите на успешен политички пркос – или ненасилна борба за политички цели – покажуваат дека навистина постојат средства луѓето сами да се ослободат, но таа опција сѐ уште е неразвиена. Оваа опција детално ќе ја анализираме во наредните глави. Пред тоа, меѓутоа, треба да се разгледа прашањето на преговори како средство за отстранување на диктатурите.

 

Таткото на ненасилната борба
ЏИН ШАРП – НАЈЛОШИОТ НОЌЕН КОШМАР НА ДИКТАТОРИТЕ!

gene-sharp-nyt-photo85-годишниот американски професор Џин Шарп и неговата „Од диктатура до демократија” постепено но сигурно го менуваат светот, пред сѐ земјите кои се недемократски, тоталитарни и во кои апсолутистички се владее. Луѓето бараат и заслужуваат, но и сакаат да живеат во демократијата. За таа цел, неговото дело е нивен најуспешен и најмоќен незаменлив прирачник. Со своите анализи и совети, во многу земји придонесе да паднат диктаторите и авторитарните режими и да започнат демократски процеси. Помогна многу милиони луѓе да се ослободат од тиранијата.

Појдовните премиси на професорот Шарп се едноставни и јасни. „Диктатурите никогаш не се толку силни колку што мислат дека се и луѓето никогаш не се толку слаби колку што мислат дека се”. „Ниту еден режим, дури и најбрутално авторитарниот, не може да преживее без поддршка на својот народ”. Затоа, тој предлага: „Однеси го, тргни го!”, но со ненасилна акција бидејќи „ненасилството – наместо насилството – е најефикасниот начин за уривање на корумпираните, репресивни режими”. „Ослободувањето од диктатурите во крајна линија зависи од способноста на луѓето самите да се ослободат”, смета тој.

За некои, професорот Шарп е „татко на ненасилната борба”, за други најдобар пријател на револуционерите. Сепак, најпрецизно, тој е „најлошиот ноќен кошмар на диктаторите”.

(продолжува)

Поврзани новости