Луѓето многу често се восхитуваат на туѓата храброст, но не многу често би се осмелиле на истата!

by lali

Храброста е борба за вистината. Храброст е да ја сфатиш и се соочиш со реалноста и да почнеш да се бориш за да ја промениш. Но стравот, овие денови, е скриен во комфорот на позицијата што се наоѓате, ви го јаде апетитот за успех и ве заситува со туѓите победни судбини.

„Ќути, има и полошо“ – ќе си проговорите, ќе ја наведнете главата и ќе си продолжите по патот. И сето тоа ви е прифатливо. Но, така одејќи по патот, зар нели некогаш не помислувате дека заслужувате повеќе од она кое го имате и добивате? Нели мислите дека заслужувате шанса за сето она кое сте го вложиле, да го оправдате? Но наместо борба за тоа, вие одлучувате да молчите, да си продолжите по патот и така брзо, лесно и едноставно да си ја убиете амбицијата.

И продолжувате да молчите кога неправедноста кружи околку вас како гладен волк околку трлото. Да, денес сте безбедни, не сте јагнето надвор од трлото, но утре можеби и ќе бидете, и ако не почнете да собирате храброст да му се спротиставите на волкот, тој следниот пат вас ќе ве начека. Сами и неподготвени.

Епа сега ви останува, да се молите никогаш да не сте она осамено јагне надвор од трлото, или пак да се одлучите за борба, да соберете храброст и сите заедно во трлото, да му се спротиставите на волкот, да го избркате и тој никогаш повеќе да не се обиде вам или останатите да ги нападне.

Ако изборот е храброст или страв, дали сте доволно храбри вистински да одберете?