Људичиња

by Фокус

Во Тетово имаат многу симпатичен деминутив за ситни, мали души. Ги викаат „људичиња“. Тоа не се однесува на телесните параметри, туку на недостатокот на смелост, самосвест, креативност, иницијативност, интегритет и совест. Пред сé, совест. Сето она што го прави човека човек. Таквите људичиња, во секоја ситуација кога од нив се очекува некаква одлука, или, не дај Боже, кога се бара помош од нив, секогаш се повикуваат на некој/нешто „од горе“. Независно што самите тие, чест на исклучоците, се обично високо качени на административните скалила и убаво закачени на државниот апарат. Секогаш има некој над нив заради кого можат комотно да ги кренат тесните раменца и да се оправдаат дека, ете, не можат да мрднат без изим „од горе“. Тој што е качен на(д) нив е нивната совест, нивната чест, нивното достоинство, нивната личност.

Се сетив на људичињата, читајќи го образложението на една угледна докторка, уште поугледна партијка на владејачката групација и угледна директорка на Клиниката за детски болести, за нејзиното самоамнестирање поради смртта на едно дете. Не знаела, не била информирана, таа само менувала некого во Второстепената комисија, а во моментот кога се носела одлуката детето да не се испраќа на операција, таа била во странство… Истата таа докторка, партијка и директорка, која не се симнува од ТВ екраните кога треба нешто да се истакне како достигнување на власта во сферата на здравството, одеднаш станува мало човече, људиче, кое тивко цивка „јас не сум оттука…“

Има уште едно људиче, кое е наречено министер за здравство, а всушност е олицетворение на познатиот лик од анимираните филмови „Брзиот Гонзалес“. Протрчувајќи набрзина низ неколку министерства, зад себе остави хаос во високото образование и дузина казнети доктори и медицински сестри затоа што спиеле на дежурства или пушеле цигари во канцелариите. И тој „не е одовде“ во случајот со починатото дете. Напротив, тој бил дури и заслужен што лекувањето на малата Тамара се забрзало, затоа што лично тој се заложил, ама ете, детето не издржало… Има ли некој во оваа држава да му каже дека ова људиче треба да воспостави систем кој функционира и без негова лична заложба? И да го симне од телевизиите сосе правот кој го крева зад себе, отворајќи нови болници низ земјава, во исто време кога од нив ги разбрка речиси сите саглам доктори.

Најчестата реченица која деновиве ја слушам дека ние сме биле луда држава. Па може ли една држава да биде нормална, кога со неа и со нејзините граѓани, управуваат људичиња.

Неретко сум се прашувала што и кој е тоа горе. Кон кого тоа се свртени исплашените погледи и зошто се спушта гласот до шепот кога се зборува за таму горе? Дали Зевс, лично, ја забришува брадата од рујното вино и обилниот ручек, ја остава салветката настрана и почнува да пишува дневен ред, уредба, одлука, закон, измена на закон, тендерска документација или опис на работно место? Или и тој чека да му наложи некој од погоре? Не би рекла.

Та нели сме демократска земја во која владее народот, а не људичињата. Тие, немаат проблем да бидат кренети во три часот по полноќ за да состанчат до три-четири, немаат проблем да ја голтнат критичноста и совеста, немаат уста да запрашаат колку и зошто е валкана работатата која ја потпишуваат. Едноставно – не чуствуваат одговорност. Па, нели работата е дојдена од горе? Што има тука да се потпрашува? Ако пак, некој безобразен и се сети да праша, да дискутира, можеби и да опонира, веднаш бива потсетен дека сопругата му е унапредена, детето треба да му се вработи, куќата треба да се отплати…

Малите луѓе имаат голем багаж. Тешко им е. И треба да им биде тешко, бидејќи статусот „људиче“ сами си го избрале како своја судбина.

А на министерот „брз Гонзалес“ и на угледната партијка-докторка-директорка, заради она што го немаат и никогаш нема да го имаат, а тоа е совеста подарена на олтарот на бесчестието, ќе им пренесам само неколку стихови од вонвременската песна од Славко Јаневски, „Цветови“, која сите ние ја знаеме наизуст, како нешто што се случило и не смее да се повтори:

„В тиквешко негде, в некое село,

кај в слана тивко венеше цвете

– убија дете.“

универзитетски професор Гордана Попсимонова

 

Поврзани новости