Разногласие во комисијата што одлучуваше за лекувањето на Тамара

by Fokus

Веќе два дена, главна тема во јавноста е смртта на деветгодишната Тамара Димовска од Велес, која имаше искривен рбет и која веќе три години водела битка со надлежните институции и со лекарските комисии да добие одобрение за лекување во странство. Според информации на „Фокус“, од скопската Клиника за трауматологија трипати биле давани конзилијарни мислења, но двете комисии ги одбиле барањата и во април и во октомври.

Одлуките за лекување и операција во странство ги носат две лекарски комисии, првостепена и второстепена комисија, кои се под раководната палка на Фондот за здравство.

„Фокус“ преку свои извори се потруди да открие некои од лекарите, при што дознавме дека претседателка на првостепената комисија е доктор Викторија Чаловска од Клиниката за гастроенхепатологија, додека со второстепената комисија раководи оротопедот Анастасика Попоска, мајка на министерот за надворешни работи, Никола Попоски. Таа пред две години се кандидираше и за претседател на Македонското лекарско друштво и на Лекарската Комора, од каде во последен момент се повлече од изборната трка. Исто така, член на една од комисиите е и трауматологот Виктор Камиловски, претседател на Советот на општина Аеродором од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. За него веќе пишувавме дека има уште неколку функции во комисии.

Пред неколку часа, порталот НОВА објави дека потпис на барањето од второстепената комисија ставила доктор Аспазија Софијанова. Таа тврди дека воопшто не раководи со комисијата, туку во тој момент ја менувала доктор Попоска. Софијанова вели дека во моментот кога одлучувала Второстепената комисија, таа не била во државата, одлуката се договарала по телефон. Иако нејзиниот потпис стои на Решението со кое се одбива Тамара да оди на лекување во странство, Софијанова објаснува дека не е претседавач на Комисијата, туку само ја менувала докторката, која била болна во тој период. Но, според неа, одлуката каде ќе се лекува Тамара дошла од повисоко ниво.

Поврзани новости