Љубовната приказна на Тоше Зафиров: Фала ти Боже што таа ме држеше за рака во најтешките времиња!

by Фокус

Благословени се оние луѓе кои во животот ја сретнале и ја зачувале покрај себе својата вистинска љубов. Да се будиш покрај жената која ја сакаш, да созревате заедно, да си бидете секогаш најголема поддршка, тоа е среќа која треба да се цени и чува. Кога денес ја гледам мојата сопруга Габриела, нашите деца Блаже и Ангела, кога ќе си спомнам за се низ кое што поминавме заедно, за сите лоши, но и добри моменти, знам само во себе да си кажам – Фала ти Боже.

Вака ја започна својата приказна вицешампионот во бодибилдинг, Тоше Зафиров, кој заедно со неговата сопруга Габи деновиве се врати од Брежице, Словенија, каде на Светското натпреварување ИБФФ ПРО ВОРЛД по кој знае кој пат на земјава и донесоа голем успех. Помеѓу 500 најголеми професионалци во бодибилдинг од целиот свет, Тоше во својата категорија го освои шестото место, додека пак Габриела во конкуренција од 17 натпреварувачки се закити со сребрен и бронзен медал во две категории.

Зафирови, кои по потекло се од Неготино, веќе со години наназад живеат во Скопје. Тоше зад себе има децениска кариера, додека пак неговата сопруга, која уште од времето на неговите почетоци во бодибилдингот се грижеше за неговата исхрана и за сите неопходни подготовки пред настапите, пред околу шест години и самата професионално започна да се занимава со бодибилдинг. Парот го привлекува вниманието каде и да се појави, а од светските натпревари редовно се враќа со високи награди и признанија.

Во разговор за ,,Фокус” Зафиров вели дека бодибилдингот е тежок спорт, кој бара голема посветеност и многу откажувања во животот. Додава дека доколку Габи не била покрај него, најверојатно уште многу одамна ќе се откажел од се.

-Нашата љубовна приказна започна во далечната 1996 година. Јас бев во војска, добив слободен викенд, и таа саботна вечер излегов во култното кафуле ,,Ас” во Неготино. Таму за прв пат ја видов Габи. Се друго е историја… Нашата љубов трае, а Блаже (17) и Ангела (13) се нашата гордост, најзначајните трофеи кои ги добивме во животот. Во сите овие години, јас знам дека Габи е жената на мојот живот, без чија поддршка тешко дека ќе успеев. Таа ме држеше за рака во лошите времиња, кога помислував да се откажам од се, веруваше во мене и со тоа направи и јас да си верувам и да продолжам напред – раскажува шампионот.

Тој вели дека животот не му бил секогаш лесен, но љубовта ги водела напред.

-Имавме премногу тешки денови, многу болка во животот. Јас минував многу време на тренинг, исцрпувачки диети… Но, и покрај се, ние секогаш знаевме да си подадеме рака, да се прегрнеме кога беше тешко. Си бевме утеха еден на друг во многу тешки ситуации, си бевме мотивација и знаевме дека мора да продолжиме напред, да не се откажеме. И секогаш продолжувавме посилни, заедно двајцата. Тоа не прави поразлични од другите спортисти, што ние сме тим, и таа љубов ни допринесе во голема мера за сите успеси на професионално поле. Активни сме на сцената, оставивме голем белег во овој спорт. Но, за нас најважно од се е тоа што сме посветени родители, пример за тоа како треба грижата за семејството да биде на прво место. Да им се остави добар пример на своите деца, бидејќи токму ние, родителите сме нивните идоли, тие гледаат и учат од нас, спомените кои сме им ги оставиле во времето додека созреваат ќе ги водат понатаму во животот – раскажува Тоше.

Тој додава дека е горд на спортската култура и начинот на живеење и верува дека нивните деца се исто така горди на своите родители.

-Ги воспитуваме децата на чесност, искреност, но и дека треба да бидат упорни и да се борат за својот сон. Ништо во животот не се добива лесно, без голем труд. Спортот и нашите успеси во бодибилдингот ни се начин да ја покажеме љубовта кон семејството, кон татковината. Се надеваме дека уште долги години со Габи ќе можеме да се натпреваруваме, дека ќе и носиме успеси на нашата земја, на шега си велиме дека дури и кога ќе станеме баба и дедо, се уште ќе одиме на натпревари, и внучињата да се гордеат со нас – вели Зафиров.

За постигнатиот успех во Словенија, тој е пресреќен што неговата сопруга доминирала на бината и го постигнала најголемиот успех во Македонија во женски фитнес.

-Во конкуренција од 17 девојки, кои беа значително помлади од неа, таа беше брилијантна! Да се стане светски вицешампион, а при тоа да се има многу секојдневни обврски, покажува само колку Габи е посветена и упорна. Покрај сите обврски со децата, домот, работата како државен службеник, грижата за нашата исхрана која е специфична, малку е да кажам дека сум горд на неа. Таа е мојот херој, и секогаш ќе бидам благодарен што судбината не спои таа ноќ во Неготино – изјави Тоше.

Вики Клинчарова

Поврзани новости