Само два месеци пред својот 100-ти роденден почина принцот Филип, сопруг на кралицата Елизабета и член на британското кралско семејство. Веста ја пренесоа сите светски медиуми, а во британските медиуми денес се објавуваат приказни поврзани со неговата младост, животот како сопруг на кралицата Елизабета, потсетувајќи дека тој беше машки член на кралското семејство кој имал најдолг живот.
Во врска со неговата љубов со кралицата Елизабета (94), актуелни се приказните за нивната голема љубов, која започнала во времето кога таа имала само 13 години. Во тоа време Елизабета била принцеза, а 18-годишниот Филип започнал да се допишува со неа, додека служел во Кралската морнарица.
По завршувањето на Втората светска војна ја запросил, но нејзиниот татко го замолил да причека додека Елизабета не наполни 21 година. Се венчале во 1947 година. Поради бракот со британската принцеза, Филип морал да се откаже од православната вера, но и од своите сестри кои биле во брак со членови од нацистичката елита.
Британската јавност не била воодушевена од изборот на Елизабета, но таа била лудо заљубена во принцот.
На почетокот на бракот, имале лагоден живот, но тоа се променило во 1953 година, кога починал Џорџ, таткото на Елизабета. Филип знаел дека животот ќе им се промени драстично откако неговата сопруга ќе стане кралица и ќе се зголеми обемот на нејзините должности.
Преселбата во кралската палата, но и зголемените активности и ангажмани на кралицата, во кои тој не бил секогаш вклучен, тешко му паѓале. Неговите пријатели го опишувале како несреќен и потиштен, кога сфатил дека сопругата ќе му стане кралица, но и како доста шармантен, кога и да се најдел во женско друштво.
Во текот на неговиот живот, во британските медиуми чести беа објавите за негови наводни афери со познати жени од светот на глумата, балетот, па дури и со грофици и војвотки. Пред пет години, тој во ТВ интервју раскажа за тоа како реагира на пишувањата за наводните љубовни афери.
-Секогаш кога зборувам со некоја убава жена, започнуваат нагодувања дали сум ја однел во кревет. Признавам дека ми ласка на мои години да се зборува дека можам да привлекувам жени, ми ласка гласот на заводник – зборуваше принцот Филип.
И покрај сите пишувања на темата, сепак тој и кралицата Елизабета беа еден покрај друг цели 73 години во брак. Заедно минуваа низ сите добри, но и лоши времиња, нагласувајќи дека се најголема поддршка и живеат во огромна меѓусебна доверба.
Вики Клинчарова