Лошо даночно и сметководствено работење во „Баргала“

by fokus

Будно го следиме случајот со „Баргала“. Нашата контрола таму е при крај и ќе имаме голем наод. Можам да кажам дека е многу лоша состојбата од даночното и сметководственото работење и дека се утврдени голем број на неправилности од енормни размери, што се несвојствени за добро работење на кој било даночен обврзник, вели директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска.

Во УЈП постојано стигнувале информации од страна на здруженијата кои се борат за заштита на работничките права и од вработените во „Баргала“ дека се прават одредени злоупотреби и најави дека и понатаму ќе постапуваат и тоа не само со даночна контрола, туку ќе ги известат и сите други надлежни институции.

– Не само што утврдивме контрола по основ на персонален данок на доход и за неисплатените плати, туку направивме и контроли и по основ на данокот на добивка и данокот на додадена вредност. Бидејќи сме при крај на контролата ќе доставиме и решенија кај даночниот обврзник, рече Лукаревска во одговор на прашање на денешната прес-конференција по повод „Две години МојДДВ со граѓаните”.

Таа најави слични контроли и за сите други текстилни фабрики и во делот на кожарската и кондиторската индустрија, каде секојдневно има отпуштање од работа.

– Заедно со Државниот инспекторат за труд во неколку наврати спроведовме координирани контроли особено кај текстилните фабрики. При тоа наместо регуларни контроли за искористеноста на финансиската помош спроведовме контрола со која се вративме од три до пет години назад по сите основи на даноци. Скоро секаде во текстилните фабрики имаме утврдено низа неправилности во работењето, прецизира Лукаревска.

Сто работници од штипската фабрика за производство на обувки „Баргала“ кои пред четири дена добија отказни решенија поради кршење на работен ред и дисциплина вчера поднесоа приговори во канцеларијата на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Работниците тврдат дека неосновано се избркани од работа.

Поврзани новости