Локвенец: Тоа што го видов во очите на Ѓорчев не може да се изглуми, нè заштитуваше од сите опасности

by fokus

Тој ден прв пат во животот имав чувство на беспомошност, знаев дека ништо не зависи од мене и пратениците и сме оставени на милост и немилост. Имав чувство на гнев кон институциите на сопствената држава, рече пратеникот Хари Локвенец кој денеска последен сведочеше на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, објави порталот СДК.

Локвенец во моментот кога  влегла групата се наоѓал на левата страна во прес-центарот. Бидејќи, како што кажа, во првиот налет нападите на насилниците биле насочени кон Зоран Заев, Талат Џафери, Зијадин Села и останатите пратеници кои биле во десната страна на салата, тој успеал заедно со Артан Груби, Стефан Богоев и Агим Шаќири да излезе. Но во ходникот веднаш пред прес-центарот бил удрен во десното око, по што почнал да крвави и не можел да гледа ништо пред себе.

„Успеавме да стигнеме по случаен избор во канцеларијата 339 на пратеникот Агим Шаќири. Со мебелот ја блокиравме вратата. Ова ви го кажаувам за да ви доловам какво чувство на страв имаше кај секого од наа. Дури после час и половина контакти на Артан Груби со полициски службеници успеаја да нè лоцираат, а после 45 минути не однесоа во канцеларијата на Влатко Ѓорчев каде беа другите пратеници. Влатко Ѓорчев беше тој кој се однесуваше кон нас како кон сопствените деца, обидувајќи се да нè заштити од сите опасности. Тоа што го видов во неговите очи не може да се изглуми, тоа го правеше од срце“, сведочеше Локвенец на денешното рочиште на судењето, во кое 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.

Поврзани новости