Исамедин Азизи, научен соработник – доцент во Институтот за национална историја е именуван за член на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, но не како дополнителен член, туку на местото на историчарот Александар Литовски од Националната установа Завод и музеј – Битола.
Владата по вчерашната седница соопшти дека го именувала Азизи за член на Комисијата, но не соопшти дека доаѓа на местото на Литовски. Историчарот Литовски за Фокус потврди веќе не е член на македонско-бугарската историска комисија, но за прашањето зошто, за одговори нѐ упати во Влада. -Јас не добив никакво образложение, вели кратко Литовски.
Во своите јавни настапи Литовски изјавуваше дека решението со Бугарија не е во попуштање, бидејќи според него, Бугарија постојано ќе излегува со нови барања се додека не го оствари својот Сан-стефански сон.
Од Владата за Фокус објаснуваат дека на Литовски му истекол договорот на 31 декември 2020 година.
-Бројот на членови Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија е непроменлив. На Александар Литовски му истече договорот на 31.12.2020 година и на негово место, на предлог на Министерството за надворешни работи на 38 седницата на Владата е предложен и именуван, Исамедин Азизи, велат од Влада.
Оттаму тврдат дека експертската комисија работи независно и без политички влијанија.
-Затоа Владата е на став дека историските прашања треба да се остават на експертите и без какви било политички влијанија. Очекуваме работата на Комисијата да продолжи со успех и да придонесе во процесот на решавање на отворените прашања, додаваат од Владата.
Оваа Комисија беше формирана по потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија и веќе неколку години работи на отворените прашања од историски и образовен карактер меѓу двете земји. Од македонска страна во комисијата се вклучени пет историчари.
Претседател/координатор е академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ, а членуваат и професорите од ИНИ – Ванчо Ѓорѓиев, Петар Тодоров, Дарко Стојанов, како и историчарот Александар Литовски од Националната установа Завод и музеј – Битола. Членови на Комисијата се и професорката Љубица Спасовска, научен соработник на Универзитетот во Ексетер, Велика Британија и Љупчо Ристески – антрополог, професор на Институтот за етнологија и антропологија на УКИМ.
Од она што може да се види од биографијата на Азизи, тој е доцент, научен соработник во Институтот за национална историја во Скопје. Дипломирал историја на Филозофскиот факултет во Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за национална историја на теми поврзни со Албанците на Балканот. Област на истражување му е историјата на Балканот во 20-от век.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи јавно има кажано дека инсистира во Комисијата да има и член Албанец.
Фросина Факова-Серафиновиќ