Саше Спасевски, личен шофер на поранешниот премиерот Никола Груевски во периодот од 2008 до 2011 година, денеска сведочеше во Кривичниот суд во рамки на предметот за набавката на мерцедесот од 580.000 евра со назив Тенк. Исто како и останатите сведоци повикани од одбраната, и Спасевски тврдеше дека новото блендирано возило било неопходно.
– Поради лошите патишта и улици, стариот блендиран мерцедес имаше проблем со моторот, кој откажуваше на подолги патувања. Во една прилика, возејки кон резиденцијата на Водно, се скина каишот и се закочија воланот и кочниците, по што излетавме од патот. Доколку тоа се случеше на отворен пат, можеше да има многу поголеми последици – рече тој.
Воедно, Спасевски додаде дека стариот мерцедес не е во употреба од лани, а со новото возило се возел и бугарскиот премиер Бојко Борисов.
В.В.