ФРОДЕМ до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ: Наместо јавно извинување за сторените срамотилаци, тие и понатаму уценуваат

by fokus

Од ФРОДЕМ жестоко ги критикуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи им дека не можат дијалогот и процесот за помирување да го условуваат со барањето осомничените пратеници, за насилството што се случи на 27 април во Собранието, да бидат пуштени на слобода.

Во продолжените целото соопштение на ФРОДЕМ:

„На народниот пр(л)атеник Влатко Ѓорчев и останатите климоглавци никако да им дојде ум. Дијалогот и процесот на помирување го условуваат со ослободување на осомничените за случувањата од 27 април. Да се разбереме, зa ФРОДЕМ дијалогот и процесот на помирување не смее да биде условуван од никој, а најмалку од соученици и заштитиници на криминалните дејствија и злосторства во минатото.

Некои од овие верни довчерашни и сегашни прислужници, на функцијата народен пр(л)атеник, се срам на Република Македонија. Наместо јавно да се извинат за сите сторени срамотилаци и арамилаци тие и понатаму сеат магла и се обидуваат да условуваат па дури и да уценуваат. Тие и понатаму живеат во времето на нивниот идол Груевски и понатаму сметаат дека дека народните пр(л)атеници треба да бидат недопирливи и да прават што сакаат. Тие никако да разберат дека пратеничкиот имунитет не смее да биде параван за неодговорност, беззаконие, јавашлук и неправда.

Господа, за Вас за кои зборот срам е заборавена именка, мора да разберете дека време е за правда и одговорност за стореното, без разлика дали тоа ви се допаѓало или не. Време е за Ваше јавно извинување. Тоа што некој си Христијан Мицкоски му подал рака на премиерот Заев, не може да биде причина за непочитување и негирање на одлуката на Кривичниот суд, а уште помалку причина за бојкот на Собранието на Република Македонија. Никој не ви дал за право да го повикувате премиерот Заев „демек најмоќниот човек во државата” да влијае на Кривичниот суд и да наложува ослободување на осомничени и обвинети лица?.

И Зоран Заев мора да биде ист како и останатите граѓани. И за него како и за сите нас мора исто да важат законите и правдата. Доста беше мешање и влијание на политиката и политичарите во судството.

Дијалог и процес на помирување мора да има. Со Вас, со дел од Вас, или без Вас. Дијалогот и просперитетот на нашата држава не смее да зависи од неколкумина первертити, „дечки” за сите времиња премачкани со сите можни бои.
Време е на принципи, достинство, морал, ред, поредок и правда“, се вели во соопштението на ФРОДЕМ.

Поврзани новости