Левица потсетува дека неодамна, ВМРО-ДПМНЕ настапуваше со висок степен на сигурност и без резерви ја вградуваше Мери Дика Георгиевска во сопствениот наратив за компромитирано правосудство.
-Јавно именувана, роднински и директно поврзувана во контекст на случајот „Рекет”, таа беше дел од аргументацијата со која се градеше тезата за систем во кој довербата е сведена на симболични проценти. Тогашната реторика не беше условна, туку категорична и пресудувачка. Неколку години подоцна, истиот субјект, Мери Дика – се појавува како предлог за уставен судија, позиција која, по својата природа, претпоставува висок степен на професионален интегритет и законски статус на ʼистакнат правник, порачуваат од партијата.
Според Левица, формулата за 2% доверба беше темел на политичка позиција.
-Денес, кога токму преку институционален процес се предлага лице кое претходно било дел од таа критика, би се очекувала барем минимална конзистентност, потврда на претходниот став, или негово аргументирано напуштање. Наместо тоа, следи прифаќање преку МОЛК.
Отсуството на реакција кон Судскиот совет дополнително ја нагласува оваа трансформација. Институцијата која до неодамна беше предмет на политички притисок и јавна критика, денес не предизвикува ни формално преиспитување на нејзините предлози од страна на власта на ДПМНЕ. Во таква поставеност, се наметнува впечаток дека критериумите не се напуштени, туку се ставени во мирување, во зависност од политичката позиција и активирање на „тефтерчето”, стои во партиското соопштение.
Од партијата нагласуваат дека Мери Дика го осветлува начинот на кој, како што велат, ВМРО- ДПМНЕ се однесува кон сопствените изјави – од категорично тврдење, до целосно повлекување без објаснување.
-Презентираат модел во кој политичкиот говор се третира како алатка со ограничен рок на употреба. Оттука, јавно ги прашуваме: До каде е прес-конференцијата на ДПМНЕ против предложената уставна судијка Мери Дика? Дали јавноста сега ќе види критика за предлагачот на истата (Судскиот совет) од страна на ДПМНЕ, рекоа од опозициската партија.