Влатко СТОЈАНОВСКИ
Откако Тиса убедливо го победи Фидес на изминативе парламентарни избори во Унгарија, партискиот лидер и иден унгарски премиер, Петар Маѓар, на некој начин најави екстрадиција на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој во 2018 година доби политички азил во Унгарија и оттогаш живее во Будимпешта, додека во земјава беше кривично гонет и осуден.
Веднаш по изборите во Унгарија, прашан за двајцата поранешни полски министри Збигњев Зиобро и Марчин Романовски, барани за корупција од актуелната влада на Полска предводена од Доналд Туск, кои своевремено избегаа и добија азил во Унгарија слично како и Груевски, Маѓар го спомена и поранешниот македонски премиер.
–Тие нема да останат тука долго, нека не купуваат мебел од ИКЕА. Унгарија нема да стане депонија за меѓународно барани криминалци. Ова важи не само за нив, туку и за Никола Груевски. На крајот на краиштата, тој е поранешен премиер на Северна Македонија и баран криминалец – рече, покрај останатото, идниот унгарски премиер.
По ваквата порака, во земјава се отвори дебата дали, кога и како Груевски ќе биде или може да биде екстрадиран во Македонија, што не претставува резултат само на политичка волја и определба, туку на разврска и исход на една административно-бирократска и правно-институционална постапка, која не може да заврши брзо и преку ноќ.
Покрај тоа, во јавните дебати низ медиумите се реактуелизираше и темата дали Груевски во меѓувреме добил и унгарско државјанство и поседува унгарски пасош, која прво се отвори веднаш по неговото заминување во Будимпешта, потоа се начна кога се дозна дека имал право на глас на претходните избори и во уште неколку наврати.
Она што е официјално познато и потврдено е дека Груевски има политички азил и добил статус на бегалец, што му овозможува легален престој и заштита од екстрадиција, се разбира, се додека тој статус не се ревидира и укине. Но, нема официјална потврда или податок дека тој поседува и унгарско државјанство, ниту кога го добил и по кој основ. Што велат неофицијалните информации на „Фокус“?
Имено, повеќе релевантни извори и од земјава и од странство што ги консултиравме тврдат дека Груевски веќе неколку години поседува унгарско државјанство, што, според нив, само дополнително ја усложнува можноста за негова екстрадиција во земјава барем во скоро време, од причина што, објаснуваат нашите добро упатени соговорници, ретко која држава екстрадира свои државјани.
Инаку, унгарската регулатива пропишува дека за доделување на унгарско државјанство, меѓу другото, потребен е престој од најчесто 8 години, со тоа што овој период може да биде пократок во одредени случаи. Во таа насока, треба да се посочи дека овој рок е најкраток и е поставен на 3 години во ситуација на политички азил и слични специјални прилики, при што унгарските надлежни органи одлучуваат дискреционо.
Кога станува збор за барање или доделување на унгарско државјанство на странски државјанин и генерално, вреди да се истакне дека во процесот се вклучени повеќе институции. Притоа, за главен орган се смета Канцеларијата за имиграција (National directorate–General for aliens policing), која прима и обработува барања, врши проверки, дава мислење итн.
Потоа, важна алка од синџирот е унгарското Министерство за внатрешни работи, кое учествува во безбедносни проверки, врши надзор врз процесот и ја координира постапката. На крајот, иако процесот се води во други институции, државјанството формално го издава унгарскиот претседател, потпишувајќи декрет.
Патем, некогаш инволвирани се и локални органи, општини, па дури и амбасади. Оттука, одлучивме да се обратиме до дел од овие институции, со цел да се обидеме да дојдеме до официјална потврда дека Груевски поседува унгарско државјанство. Па, какви одговори добивме?
Од Канцеларијата за имиграција (National directorate-General for aliens policing) ни одговорија: „Во согласност со важечкото унгарско законодавство, органот за азил нема да дава информации во врска со доделување или прекинување на статусот на бегалец. Во врска со вашето прашање за унгарско државјанство, ве молиме контактирајте ја Владината канцеларија на главниот град Будимпешта“.
Имајќи го тоа во предвид, се обративме и Владината канцеларија на Будимпешта, каде упативме прашање дали Груевски аплицирал за унгарско државјанство, и ако е така – дали моментално поседува унгарско државјанство? Сепак, досега од таму не добивме никаков одговор. Во меѓувреме, истото прашање го упативме и до унгарското МВР, од каде ни одговорија:
„Ве известуваме дека одговорите на меѓународните печатени барања се координирани од страна на Канцеларијата за меѓународни комуникации и односи, па затоа ве молиме да ги контактирате со вашите прашања“. Се обративме до оваа Канцеларија, но не добивме одговор, исто како што засега нема одговор и на нашето прашање до кабинетот на унгарскиот претседател.
Иако нема формална потврда од надлежен орган дали Груевски поседува унгарско државјанство, неофицијалните информации упатуваат на заклучокот дека тој веќе извесен период, освен македонски, е и унгарски државјанин. Во тој контекст, битно е да се напомене дека Унгарија дозволува двојно државјанство.
Воедно, го прашавме и директно до Груевски дали поседува унгарско државјанство, но досега не добивме одговор на прашањата што му ги упативме на унгарскиот телефонски број, како и на неговиот официјален фејсбук-профил, преку кој од 2018 година се обраќа до јавноста за одредени теми и прашања. По пресвртните избори во Унгарија, тој досега не објавил ниту еден фејсбук-статус.
(АРХИВА) Како „Фокус“ го најави бегството на Груевски во Унгарија три месеци пред да се случи?
Жолт Секереш, адвокат на Хелсиншкиот комитет во Унгарија, во интервју за „360 Степени“, одговарајќи на прашањето колку често Груевски треба да го обновува статусот на бегалец и дали е можно да се стекнал со статус државјанин на Унгарија, објасни дека постапката за ревизија се случува на секои 3 години.
–Она што го гледа канцеларијата за имиграција или органот за азил е дали основите врз кои ви била доделена меѓународна заштита, статус на бегалец, сè уште постојат, а исто така гледаат и како ситуацијата се променила, подобрила или влошила во вашата земја на потекло во времето што поминало од последната ревизија или од времето кога ви бил доделен статус на бегалец.
Признаените бегалци можат да аплицираат за унгарско државјанство по 3 години од добивањето на оваа меѓународна заштита. Тоа не е автоматско, треба да поднесете посебна апликација за тоа, а потоа претседателот на Републиката одлучува дали ќе ви додели унгарско државјанство или не. Тоа е таканаречена дискрециска одлука.
Па, ако одлучат да не ви дадат, не мора да ви ги кажат причините зошто одлучиле да не ви дадат унгарско државјанство и не можете да поднесете жалба против оваа одлука. Така што, теоретски, можно е господинот Груевски веќе да е унгарски државјанин. Тој имаше право да аплицира за тоа со оглед на времето што помина откако доби статус на бегалец во Унгарија – рече тој.
Во однос на прашањето кои се можностите што ќе ги има новата унгарска влада во насока на исполнување на своето ветување доколку Груевски се здобил со унгарско државјанство, пак, Секереш вели дека неговиот одговор може да биде само опис на она што го вели законот за овие ситуации.
–Откако ќе се добие унгарско државјанство, повлекувањето на тоа државјанство е исклучително тешко, како што и треба да биде. Дури и ако тоа државјанство било добиено по грешка или новата администрација верува дека не требало да биде добиено, ако има прекршувања на законот од страна на органот, лицето за кое станува збор не може да се смета за одговорно за тоа подоцна.
Мислам дека тоа е спротивно на владеењето на правото, кое мора да го почитуваме во такви ситуации. И тогаш, нормално, државјанството може да се повлече ако имало сериозно прекршување на законот од страна на апликантот при добивање на државјанството. Значи, постои многу високо ниво на доказ кој властите треба да го постигнат кога размислуваат за повлекување на државјанството.
Барањето за екстрадиција во такви случаи е секако поинакво прашање ако зборуваме за унгарски државјанин, но ова е секако многу хипотетичко, па да, едноставно не знаеме доволно за ситуацијата за навистина да се вклучиме во оваа дискусија во овој момент – истакнува тој.
Според него, се додека и Груевски има статус на бегалец во Унгарија, тој нема да биде екстрадиран во Македонија. Повлекувањето на неговиот статус на бегалец со правосилна одлука, додава Секереш, е неопходен предуслов за барањето за екстрадиција да биде разгледано од унгарските власти.