Левица ја поддржува борбата на работниците од „Југохром“ за обезбедување егзистенција за себе и за своите семејства, но исто така Левица ја поддржува и борбата на граѓаните на Тетово и другите населени места во Македонија, за чист воздух.
„Само привидно овие две борби се спротивставени една на друга, бидејќи газдите на „Југохром“ успеаја во заштита на својот стремеж за што повисок профит да ги впрегнат работниците, кои се борат за гола егзистенција“, се вели во денешната реакција.
Левица има две опции за решавање на проблемот:
1) Ако власта е подготвена да ги чека (до недоглед?) газдите на „Југохром“ да ги исполнат еколошките стандарди за производство, тогаш на работниците кои останале без работа поради неработење на фабриката да им обезбеди паричен надомест за периодот до рестартирањето на фабриката.
2) Ако газдите на „Југохром“ упорно одбиваат да се потчинат на еколошките стандарди за производство, со изговор дека тоа било нерентабилно, во исполнувањето на еколошките стандарди на фабриката да инвестира државата, а тоа да се компензира преку соодветен сопственички удел на државата во фабриката.
Доста беше злоупотребата на работничките маки од газдите со цел зголемување на профитот! Доста беше спротивставувањето на едни граѓани со други! Решенија има и тие мора да се применат“, се вели во соопштението на Левица.