Кривична пријава за Марјан Ристески поради несовесно работење

by fokus

Кривична пријава за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ заработи градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески. Според пријавата која до прилепското Основно јавно обвинителство ја поднесе адвокатот Жарко Стеваноски, Ристески се сомничи дека како службено и одговорно лице во ЕЛС Општина Прилеп, спротивно на чл.50 ст.1 т.15 од Законот за локалната самоуправа и спротивно на чл.51 од Статутот на ЕЛС Општина Прилеп, иако бил должен, не обезбедил заштита на сопственоста на Општината.

Конкретно, градоначалникот не склучил полиса за осигурување од штета за 2016. година за зградата на ЕЛС Општина Прилеп, заради што штетата направена на општинската зграда за време на „Шарената револуција“ не може да се надомести ниту по основ на осигурување, ниту пак по основ на одговорност од трети лица, објави Публикум.

– Дека градоначалникот Ристески не склучил полиса за осигурување од штета со ниту една осигурителна компанија, потврдува вештиот наод и мислење на вештото лице Трајанче Јованоска, изработен на 14.10.2016 година. Истовремено, од другиот вешт наод и мислење на вештото лице Зоран Георгиевски, утврдено е дека постојат две варијанти за висината на штетата предизвикана од протестите: во првата варијанта таа изнесува 203.000 денари, а во втората 1.538.000 денари – се вели во текстот.

Поврзани новости