Апелациониот суд вчера по трет пат укина осудителна пресуда против Сашо Мијалков, откако претходно ги укина пресудите за случајот „Трезор” и за случајот „Титаник 2”, со кои Мијалков доби осум и три години затвор, велат од Леевица.
„Ако се има во предвид изјавата на поранешниот премиер Зоран Заев, кој потврди дека Сашо Мијалков разговарал со осумте пратеници за промена на уставното име, јасно е дека третата укината пресуда во корист на Мијалков е награда за неговиот удел во насилничката промена на уставното име“, велат од Левица.
Од партијата додаваат дека повторно се потврди зошто довербата во правосудството е сведена на очајни осум проценти.
„Срамната одлука ја донесе Советот на судии, каде претседател е Јани Нича, а членови се Енвер Беџети, Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева, која на 7 декември отишла во пензија, што долева дополнителни контроверзии на одлуката.
Судијата Јани Нича беше дел од Советот на судии кој минатиот месец ја укина првостепената пресуда за случајот „Трезор”, каде Мијалков беше осуден на 8 години затвор, а кој предмет се однесуваше за опремата за УБК, преку која е оштетен буџетот со над 860 илјади евра.
Судијата Милева е сопруга на Игор Милев, кој беше член на ДИК од СДСМ, а потоа и вработен во Царина. Судијата-известител Енвер Беџети од март го чува во фиока овој предмет, додека истиот е кандидат за врховен судија“, велат од партијата на Димитар Апасиев.
Од таму истакнуваат дека бидејќи е со обвинителен предлог, а не со обвинителен акт, на Мијалков за две години му застарува кривичниот прогон за овој предмет.