„Домаќине, добри гости ти дојдоа“

Посетата на ненајавените гости од САД, властодршците, безмалку, ја претставија како нивна заслуга и успех. Дури очекуваат народот да им каже фала што со години ја испокрадоа државата, па сега побарале помош да се фатат крадците. Или како што вели народната: „Подржи ми го копилето, да се изнасмеам на копиларката“!

by Fokus

Колумната е објавена во најновиот број на неделникот „Фокус“, во број 1419.

Пишува: Валентина ВУРМО

Портирот ја отвори вратата и запеа:

„Домаќине, добри гости ти дојдоа“…

Кутриот, се распеал, а не знаеше дека тие, тимот за санкции, дошле токму по него, и тоа дури од Америка. И дека не му носат добар абер, како во песната, или пакет од вујкото гастарбајтер, туку дошле да го санкционираат.

Да го стават на црна листа зашто земал мито од 100 грама кафе, кога преку ред го пуштил соседот да заврши некоја комплицирана административна работа.

Барем така кажа министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој по деценија владеење, мислеше дека „ја открил Америка“ кога изјави дека корупцијата царувала во Македонија. Е па министре, добро утро!

И не само тоа, туку објасни дека толку била распространета, па метастазирала од портирите, па сѐ до највисоките државни функционери.

Но, сепак, портирот слободно може да продолжи да си пее, бидејќи тимот за санкции од Вашингтон со сигурност не дојде по него. Освен ако, во слободно време не е бизнисмен, па има фирми или банкарски сметки во далечната ветена земја? Во тој случај, единствено би застанал во редот со корумпираните колеги на Османи.

Обидот на министерот да ги испере функционерите дека не се саде тие на кои им лепи раката, туку во кошот се и ситните џепароши, е во најмала рака, смешен.

Барем тој најубаво требаше да ја протолкува изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер, со која објасни по кои „вештерки“ дошле ловците дури од САД! А тоа се минатите и сегашните корумпирани актери.

Значи, буквално ни нацрта дека дошле по груевци, заевци, ахметовци и батевци, а не по чистачката Перса или портирот Миле. Се знае кој во оваа држава секогаш бил над законот! Или кои се актерите што ги имаат главните улоги.

Јавноста, пак, желна за правда, со голема возбуда му посака добредојде на странскиот тим. Помисли дека веднаш ќе почне да апси и зад решетки да пика корумпирани функционери и политичари.

Тоа е, секогаш чекаме некој од надвор да ни го смете ѓубрето. Но, за жал, тие не можат да ни ја завршат домашната работа. Убаво пее портирот дека тие се гости, а ние газди.

Единствено што можат да направат е со прст да ги посочат тие што краделе, да ги стават на нивната црна листа, а нам да ни речат: „Држ’те го крадецот“!

И тука сме во шах-мат позиција. По сурат, убаво знаеме кој сѐ брцал во медот, ама работатa е во тоа што нема јунак да ги исправи пред правдата.

Нашите истражни органи, пак, воопшто не се вознемирија што по којзнае кој пат странците ги укорија дека не си ја вршат работат. Дека мижат пред високата корупција, иако на нив потрошиле милиони и милиони за да ги научат како да ги држат очите ширум отворени.

За разлика од нив, пак, функционериве, како се залетаа, уште да почнат да ја извикуваат паролата „Нема правда, нема мир“!

Внесени во обидот да им се додворат на странците, ги понудија сите ресурси за да помогнат во борбата против апашите од своите редови.

Кога ги слушаш, за миг помислуваш дека станува збор за криминалци од друга држава, па ние се нудиме безрезервно да помогнеме.

Па, каде бевте досега? Со години сте истопорени на фотелјите, а дури сега ви текна дека никој не ја прекина мантрата на Груевски, туку напротив, продолживте да се крстите во неа.

Се чини дури очекуваат и народот да им каже фала што со години ја испокрадоа државата, па сега побарале помош да се фатат крадците. Или како што вели народната: „Подржи ми го копилето, да се изнасмеам на копиларката“.

Од ДУИ се удираат во гради дека тие доброволно се пријавуваат да го  спроведат ветингот. Ќе го чешлале секој иден кандидат што ќе претендирал за државна позиција.

Аха, е убаво ви текна. Подобро некогаш, отколку никогаш, нели, ама што е со досегашните? Па, ние си патиме од овие стариве, а за новиве, допрва ќе го береме гајлето.

Странциве, пак, се чини веќе не се збунети. Ја пратија пораката дека стапот треба да заигра, си ги спакуваа куферите и си заминаа. Е сега прашањето е по чиј грб ќе удрат?

Ако е по оној на портирот, воопшто да не се мачи камшикарот. Навистина сто стапа по туѓ грб не болат, ама ќе му дојде редот и нему, заедно со цехот од потрошените милиони!

Поврзани новости