Левица обвинува: Не постои легитимирање со лисици, МВР направи кривично дело

by fokus

Неумесен е обидот на министерот Спасовски за замајување на јавноста дека тоа беше обично легитимирање, реагираат од Левица за вчерашниот инцидент кај ГТЦ кога полицијата спречи демонстанти да истакнат транспарент со „Против војната за профити“.

„Во правната пракса не постои таков изум на легитимирање со употреба на лисици. Во случајот се прекршени најмалку три правни акти. Прво е прекршен Уставот, кој во членот 21 изричито предвидува дека правото на мирен протест е неприкосновено и може да се ограничи само во услови на воена и вонредна состојба. Вчера во Македонија немаше ниту воена, ниту вонредна состојба, така што не постои жива сила која може да го ограничи правото на протест.

Второ, прекршен е Законот за јавни собири и, трето, прекршен е Правилникот за вршење на полициски работи, односно Правилникот за вршење служба на МВР“, изјави Димитар Апасиев од Левица на денешната прес-конференција.

Според Апасиев, униформираната полиција и припадници на специјалните сили во маскирни униформи направиле класифицирано дело. Односно две кривични дела, од кое едно е попречување на мирен протест за кое, како што вели , доколку го направи службено лице е предвидена казна затвор од три месеци до три години.

„Второто кривично дело е противправно лишување од слобода, бидејќи не е направен никаков записник, бидејќи полицијата мислела дека не постојат снимки. За ова дело, доколку го стори полицаец, е предвидена казна од шест месеци до пет години затвор“, рече Апасиев.

Поврзани новости