Левица изнесе аргументи против новите антиковид мерки

by fokus

Вакцинирањето против Ковид 19 мора да остане и да биде на доброволна основа, бараат од Левица, од каде оценуваат дека нема никакво рационално оправдување за најавените рестриктивни владини мерки насочени само кон невакцинираните граѓани.

„Најавите за рестриктивни мерки кон невакцинираните се длабоко дискриминаторски во својата основа и истите, како одраз на неолибералниот корпоративизам, се противуставни“, сметаат од Левица.

Тие објаснуваат дека овој став е во согласност со Резолуцијата 2361 (2021) на Парламентарното собрание на Советот на Европа и него го темелат на повеќе, како што истакнуваат, стручни и издржани, правни и медицински аргументи:

-Недостиг на доверба во институтциите од страна на граѓаните, кои се најмалку виновни за срушениот здравствен систем;

-Во тек на целокупното управување со пандемијата, министерот за здравство и Комисијата за заразни болести направија бројни суштински грешки, кои придонесоа за прекумерна и најголема смртност кај нашите сограѓани;

-Јавноста нема доволно транспарентни информации за јасна слика на состојбата, информациите кои Министерството за здравство ги пласира преку медиумите се оскудни, манипулативни и несоодветни за креирање јасна претстава;

-Инсистирање на вакцинирање на граѓани кои го прележале коронавирусот и имаат стекнат имунитет е нехумано;

-Вкупната стапка на имунизирани останува непозната, во голем дел од развиените земји се очекува дека дел од процентот на имунизирани ќе биде преку вакцинирање, но исто така и преку прележување на вирусот;

-Најавите за воведување таргетирани рестрикции само за невакцинираните, во услови кога информациите покажуваат дека и вакцинираните можат да се заразат/заболат и да го шират вирусот, едноставно се нефункционални и директно дискриминаторски…

Од партијата на Димитар Апасиев сметаат дека министерот за здравство Венко Филипче досега требало многупати да си поднесе оставка или во спротивно заедно со Комисијата да изнајде мерки кои ќе бидат фер, хумани и во рамките на Уставот и законите.

„Владата на РМ итно да ја повлече оваа своја контроверзна одлука, а истовремено апелираме до граѓаните да бидат свесни и да внимаваат на своето здравје, затоа што системот е срушен и не може да им пружи најдобра услуга. Заедно и солидарно, нема да дозволиме оваа корумпирана врхушка да го отвори прозорецот на тиранијата“, велат од опозициската партија.

Поврзани новости