ВМРО-ДПМНЕ: Пожарите ја покажаа неспособноста на Владата

by fokus

Македонија гори поради неспособноста на Зоран Заев, кој покажа дека откако тој е на власт не постои систем за заштита, соопшти опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Додека целиот регион праќаше пожарни и ресурси за справување со пожарите, Заев ги остави на цедило граѓаните. Зоран Заев е најголемиот лажов, тој без срам ги излажа граѓаните. Им ветуваше европска Македонија, сега нуди мини-шенген Македонија. Членството во големото европско семејство на држави нема алтернатива во една регионална соработка, која патем не е целосна“, велат од ДПМНЕ.

Од опозициската партија на Христијан Мицкоски посочуваат дека Европската Унија станува се подалечна поради, како што велат, криминалите и корупцијата на Заев.

„Македонија со Заев е најлоша во Европа во борбата против корупцијата и ја има најкорумпираната влада во Европа. Наместо конкретни унапредувања на системот, Заев става европски знамиња на закони како тој за марихуана со цел да си обезбеди бенефит на семејниот бизнис. Заев од Европа признава само европско знаменце на законот за марихуана за неговата фабрика“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што додаваат од таму, пожарите потврдиле дека Владата на Заев е опасно неспособна, поради што, според нив, Собранието треба итно да расправа за недостатоците на системот и да се лоцира и индивидуалната одговорност за пропустите.

Поврзани новости