Лекарска комора: Лекарите се исцрпени од зголемениот интензитет на работа

by Fokus

Почитувањето на позитивните правни прописи во областа на здравството е столб на функционирањето на здравствениот систем во државата што креира оптимални услови за работа на здравствените професионалци и гарантира квалитетна здравствена заштита за пациентите. Но, доколку заради некои диспропорции во системот, тие решенија во пракса предизвикуваат спротивен ефект, тогаш креаторите на здравствените политики во договор со давателите на здравствените услуги треба ефикасно и ефективно да креираат нови применливи решенија, смета Лекарската комора.

Тргнувајќи од ова, Лекарската комора реагира на наплатата на изречените казни за матичните лекари од страна на Фондот за здравствено осигурување, кое, како што се посочува во соопштението, се случува во време во кое целиот здравствен систем, а особено докторите од примарното здравство се исцрпени од борбата со пандемијата предизвикана од Ковид-19. Од Лекарската комора напоменуваат дека реакцијата се однесува на казните кои се изречени за административни пропусти во работењето и не се поврзани со пропусти во лекувањето.

Матичните лекари се првиот контакт на пациентот со здравствениот систем и тие треба да се мотивирани и да имаат механизми здравствените проблеми на болните да ги решаваат брзо и ефикасно на примарно ниво, а не да ги проследуваат пациентите непотребно до другите нивоа на здравствениот систем, што се наметнува поради некои важечки прописи како што е режимот за препишување на лекови. Имено, матичните доктори во местата каде што нема специјалисти по одредени специјалности, лековите за хронична терапија кои требале да бидат препишани врз основа на претходна препорака, односно медицински извештај од одреден специјалист, ги препишувале врз основ на медицински извештаи од специјалисти кои согласно режимот на препишување на лекови немале право да ги препишуваат. Ова се правело со цел да излезат во пресрет на потребите на пациентите. На докторот приоритет му е обезбедување на континуитет во лекувањето на пациентите, а здравствената регулатива треба да биде во функција на овој приоритет, потенцираат од Лекарската комора.

Лекарите, како што истакнуваат, се исцрпени од зголемениот интензитет на работа, но опстојувањето на нивните ординации од финансиски аспект е засегнато и со други негативни ефекти од кризата, како што е набавката на медицинска заштитна опрема која во целиот период на пандемијата е на нивен трошок, како и значително повисоките сметки за електрична енергија кои ги добиваат поради енергетската криза.

Поврзани новости