Лекарска комора: Ковид e сериозна закана за дијабетичарите

by Фокус

Дијабетичарите развиваат потешки форми на ковид 19 кои може да завршат и со смртен исход, затоа неопходно е почесто да се контролира нивото на шеќер во крвта, гликемиската терапија да се прилагодува на дневна база и пристапот во лекувањето да биде во зависност од тежината на болеста, беше посочено на неделната онлајн-дебата на тема „Ковид-19 и дијабетес“, што ја организираше Лекарската комора. Пациентите со белодробна опструктивна болест, дијабетес, хипертензија и малигни тумори имаат значително поголем ризик за тешка форма на болеста ковид-19, посочија од Лекарската комора.

-Во секојдневната пракса и соочување со овие пациенти гледаме и дека колку е поголем број на коморбидитети толку се поголеми и шансите за да дојде до компликации и фатален исход. Голема национална студија во Кина покажала дека морталитетот на пациенти со дијабетес бил 10 проценти, додека кај пациенти без дијабетес 2,5 проценти. Кинескиот центар за контрола и превенција на болести изјави дека пациентите без коморбидитети имаат стапка на морталитет 0,9 отсто, додека кај пациентите со дијабетес стапката на морталитет е 7,3 отсто – рече Татјана Миленковиќ од Клиниката за ендокринологија, дијабетис и болести на метаболизам.

Инаку, за лесни и умерени помлади пациенти со ковид-19, треба да се држи строга гликемиска контрола (4,4 до 6,1 гликемија на гладно и 6,1 до 7,8 после оброк). За лесни и умерени стари пациенти или пациенти на гликокортикоиди, потребна е пониско или средно ниво на гликемиска контрола ( 6,1 до 7,8 гликемија на гладно и 7,8 до 10 после оброк). За тешки и критични пациенти, постари пациенти, пациенти кои не поднесуваат хипогликемии или пациенти со сериозни кардиоваскуларни и цереброваскуларни заболувања, потребно е да се одржува ниско ниво на гликемиска контрола (7,8 до 10 на гладно и 7,8 до 13,9 после оброк).

Поврзани новости