Лекарите добивале закани за откази ако прекинат со операции?

by Fokus

Повеќето лекари од скопските клиники изутрина добиле закани за откази и давање на дисциплински комисии, ако не влезат во сала да оперираат, информираат болнички извори за „Фокус“. Ваквите закани пристигнале, откако лекарите вчера по инцидентот, во кој беше пукано во нивни колега донесоа одлука да ги стопираат сите операции на клиники се додека министерот за здравство Никола Тодоров не понесе морална одговорност и се додека не се донесе закон за докторска дејност.

Неколку часа по нивната најава, во вечерните саати, дел од директорите на клиниките биле свикани на состанок каде им било укажано дека не смеат да дозволат да се прекинат операциите, туку да најдат начин како да ги натераат хирурзите да влезат во сала за оперирање. Дел од нив веќе влегле во операционите сали и почнале да оперираат, додека дел се спротиставуваат на своите претпоставени. Тие се револтирани од ваквата ситуација и се прашуваат дали тие се мета за отстрел?

– Се прашуваме дали сите ќе бидат задоволни, ако почнат да не убиваат по болници? Повторно почнаа заканите како за време на штрајкот. Како и да е, вината е во вас, а тоа што министерот за здравство не знае што е морална одговорност никој не го интересира – коментираат дел од лекарите.

Во меѓувреме заседава и Извршниот одбор на Синдикатот на скопски клиники кој ќе треба да заземе став по инцидентот што се случи вчера во кој пациенти пукаа во хирург од Клиниката за дигестивна хирургија кој се здоби со три прострелни рани во нозете.

Вчера незадоволен пациент пукаше во абдоменалниот хирург Љубомир Огненовиќ, обвинувајќи го дека тој е виновен затоа што неговата мајка починала, иако таа боледувала од карцином на жолчно ќесе и здравствената состојба и била влошена.

Како што пишувавме, на Хируршките клиники утринава се случувал вистински хорор. Се почнало, откако сега повредениот лекар го известил роднината дека пациентката, која била негова мајка починала во шест часот изутрина, откако претходно била хоспитализирана неколку денови на клиниката. Нашите извори тврдат дека лекарот го известил нејзиниот син, кој подоцна се вратил со уште двајца други и насилно влетал во работната соба на лекарот. Дел од лекарите, по неколку минути слушнале десетина истрели од пиштол, при што веднаш истрчале да видат што се случува. За „Фокус“, тие објаснуваа дека незадоволниот пациент пукал во лекарот со намера да го погоди во стомак, но тој ги кренал нозете при што се здобил со три прострелни рани во ногата.

Поврзани новости