Пишува: Проф. д-р Катерина Тодороска
Ме прашува пријател зошто не коментирам за „прошетката“ на бугарските административци низ Битола?
Му реков дека стотици текстови имам напишано и тоа навреме. НАВРЕМЕ напишан текст служи за да поучи.
Снеможено ми е од пишување тоа па тоа, ама ајде уште еднаш, најкусо што може.
Историјата на бугарските сништа за Бугари во Македонија, како и сонот за побугарчување на македонската историја, се вековни.
За нив со децении пишуваме, укажуваме на потребата од материјална поддршка на македосната историографија и јазикоучење, ама на глув не се пее. Така, Бугарите од Бугарија добиваат торби пари за да истражуваат и објавуваат, макар и измислени приказни за Бугарите во Македонија.
Кон нив, штедро се приклучија и кодоши и безрбетници, кои за два златника си го продаваат коренот и ги контаминираа своите ластарки.
Малку историски, ептен пресна хронологија.
На 1 март 2008 година “Бистата на Тодор Александров, поставена на приватно змејиште во Велес, …во дворот на Драги Каров …. Виктор Канзуров, претседател на иницијативниот одбор за одбележување на годишнината.
Тој во неговото обраќање пред бројните присутни гости од Скопје, Велес Охрид но и од Бугарија, изјави дека и Гоце Делчев, Ѓорче Петров, цар Самоил, Климент Охридски се бугари. Свеченоста започна со бугарската химна „Горда Стара планина“ а потоа следеше и „Шуми, шуми Марица“, се вееја и знамиња на Бугарското ВМРО на Каракачанов и на Бугарската национална организација. Одговарајќи на новинарско прашање, дали во земјава треба да се почитуват Законите и дали овој паметник треба да има дозвола за поставување, Канзуров објасни според нивните правници, во приватен двор право е на сопственикот што и како ќе постави…“. (http://tirekovmirece.com/Novost/Поставена-па-урната-бистата-на-Тодор-Александров-во-Велес). Ние пишувавме, се пеневме, објаснувавме колкава е штетата за македонската држава од вакви змии во нејзината пазува. Од надлежните, реакција немаше. Го голтнаа плукањето сред Велес дека Македонци не постојат, дека македонски јазик не постои, дека македонските национални херои се Бугари.
Дојде и 27 февруари 2010 година „Спомен биста на Ванчо Михајлов … беше откриена во Велес во семејната куќа на Драги Каров… Од бројните поканети гости политичари и амбасадори, немаше ниту еден пристигнато, а за трибината на која требаше да се зборува за делото на Михајлов немаше ниту еден историчар ни од Софија ни од Скопје…. Според организаторот причина за малиот број гости се опструкциите кои им го правел бугарскиот министер за дијаспората, Божидар Димитров. Македонските бугари побараа и негова оставка бидјеќи не се грижел за нив и иако ветувал поддршка, лично им рекол дека тие „во Македонија не се репресирани и дека живеат многу убаво“ . Тука ја гледаат и причината што само една бугарска новинарска екипа го следеше настанот.
Немањето на поддршка од страна на Република Бугарија е причина што овдешните бугари се лути и повеќе нема да поставуваат споменици на Александров, Михајлов да ги чевствуваат Мара Бунева и Владо Черноземски“. (http://tirekovmirece.com/Novost/Споменик-на-Михајлов-до-Алекандров-во-Велес).
И пак, ние пишувавме, се пеневме, објаснувавме колкава е штетата за македонската држава од вакви змии во нејзината пазува. Повторно, од надлежните, реакција немаше или се задоволија што неколкумината, овој пат, слабо подмачкани бугарашки безрбетници, веќе нема да ги слават Бугарите во Македонија поради „НЕМАЊЕТО НА ПОДДРШКА ОД СТРАНА НА РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА“.
На 26 јуни 2012 год. споменикот „Незнаен војвода на коњ“ излеан во бронза, висок пет метри, е поставен во раните утрински часови во скопската општина Кисела Вода. „Подоцна на спомен-обележјето е поставена табла која дефинира дека ликот ја претставува контроверзната личност од македонската историја – Тодор Александров …. По поставувањето на споменикот, опозицијата (СДСМ-К.Т.) критикуваше дека се величаат контроверзни личности од македонската историја, додека тогашниот градоначалник на општина Кисела Вода, Марјан Ѓорчев, се изјасни како личен почитувач на ликот и делото на Александров.“ (http://skopje2014.prizma.birn.eu.com/mk/todor-aleksandrov-(makedonski-vojvoda-na-konj). Па, што? Што е тоа национална историја, што е тоа консултирање на лица кои знаат кој, каде и зошто да се стави на пиедестал? И пак, ние пишувавме, се пеневме, објаснувавме колкава е штетата за македонската држава од вакви змии во нејзината пазува. Ама соодветно на напишаното во информацијата која ја пренесуваме, опозицијата реагирала, ама власта го подметна незнајниот јунак Тодор Александров на голем споменик.
Денес е обратно, опозицијата која е денес власт, ептен ги обича Б’лгарчета, а оние што ја подрија македонската почва и ја загадија со бугарашки измеќари, денес се пенат оти бугарски административци се шетале низ земјата на која тие го посеаја семето на измеќарите и платениците на истите тие фашистички административци.
Дополнителен удар на македонското ткиво во соседните држави, во почетокот на 2019 година беше наменското бришење на македонските национални малцинства, пред сѐ за потребите на Грците и Бугарите. Поголем срам и полтронство за една Влада не постои од неможноста да си го заштити своето население во и вон државата. Но, оние на кои им пречеше „Незнајниот војвода на коњ“, не им прчеше ДА ГИ ПРОГЛАСАТ МАКЕДОНЦИТЕ во соседството за ДИЈАСПОРА. За оние со посилен стомак препорачувам да го прочитааат „Акцискиот план на Националната стратегија на Република Северна Македонија за соработка со дијаспората 2019-2023 година донесен од Владата на Република Северна Македонија“.
(https://vlada.mk/sites/default/files/dokumenti/strategii/akciski_plan_na_nacionalnata_strategija_na_republika_severna_makedonija_za_sorabotka_so_dijasporata.pdf). И во овој случај, ние пишувавме, се пеневме, објаснувавме колкава е штетата за македонската држава од откажувањето на најзнаќајниот дел од своето население кое може да биде мост меѓу две држави. Ете, на полтрони не се објаснувало, оти сѐ си знаеле.
Успесите на Заев и Владата на СДСМ за обезличување и навредување на македонската историја продолжија на 1 август 2019 година, кога „Премиерите на Северна Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов заминаа за Дојран. Таму положија венци на споменикот на бугарскиот полковник Константин Каварналиев“. (https://nezavisen.mk/foto-zaev-i-borisov-se-poklonija-i-pred-spomenikot-na-kavarnaliev-vo-dojran/). Во таа прилика Заев рече: „Почитта за културното и историско наследство на нашите држави претставува израз на нашето пријателство и блискост“ (https://kanal5.com.mk/premierite-zaev-i-borisov-vo-dojran-polozhija-cvekje-pred-vozobnoveniot-spomenik-na-bugarskiot-general-kavarnaliev/a384428). Како историчар, можам да кажам дека има две можности за индивидуа да се чалами со реконструкција на споменик за крвник на сопствениот народ. Или заборавил да ја стави маската дека македонскиот народ нешто му значи, или многу мед му накапкале на очи. Трето нема.
И пак, ние пишувавме, се пеневме, објаснувавме колкава е штетата за македонската држава од вакви змии во нејзината пазува. Ама, почнавме да стануваме душмани на сите подлеци за разнебитување на македонската држава.
После сето ова, сериозно не ги разбирам вашите негодувачки реакции за отворањето на т.н. културен центар во Битола, бидејќи долго време тој постои. Или, ви пречи што БУГАРСКИТЕ АДМИНИСТРАТОРИ НЕ СЕ ОТКАЖАА од платениците во соседните држави, па се шетаат како потомци на фашистичките ослободители од пред 70-тина години?
За волја на вистината во 2020 година „… истиот центар (Културниот центар „Иван Михајлов-К.Т.) направи промоција на книги за Тодор Александров и полковник Дранго од поранeшниот бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, лидер на националистичката партија ВМРО-БНД, на која и самиот присуствуваше“. Во март лани (2021 година-К.Т.), Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола ја разбранува јавноста во земјава и во Бугарија, по писмото испратено до бугарскиот државен врв и амбасадите на САД, ЕУ, Португалија и Германија во земјава, дека се соочуваат со страв да се изјаснат како македонски Бугари и дека се соочени со бугарофобија“. https://vecer.mk/makedonija/vo-bitola-otvoren-klub-na-vancho-mihajlov/. Се разбира, за сите измислени и фабрикувани изјави и документи на бугарските измеќари и платеници, навремено се реагираше, но ете, сме реагирале кај оние кои нам кожинката на цел еден народ му ја продавале, за да ја спасат својата.
Да не се заборави и тоа дека „На фејсбук страницата на Културниот центар „Иван Михајлов“ поставени се фотографии од клубот уште на 29 јануари годинава (2022 година-К.Т.). Под фотографиите пишува „Ајде за век нека е’’. Под нив, читатели испраќаат коментари: „Честит нов офис на достојните наследници на Ванче“, како и тоа дека треба клонови на канцеларијата да се отворат и во други градови, па и во Пиринска Македонија…“ (https://vecer.mk/makedonija/vo-bitola-otvoren-klub-na-vancho-mihajlov/)
И после сите наши пишувања, укажувања на штетноста од безумното и народоунштувачко делување на неспособните и антимакедонски т.н. политичари, денес сите сте ИЗНЕНАДЕНИ и ЗАГРИЖЕНИ заради однесувањето на потомците на „полициските и воените формации на бугарската монархо-фашистичка власт (изразот е земен од чл. 1 на Конституцијата на НР Бугарија од 1947 г.)“. (Архив на МАНУ, Фонд Конески, За македонскиот јазик, Варија, материјали добиени 2005-2006 година).
И после ова што само уште ова ќе го напишам.
Сѐ додека ситнодуши и долгоуши го распродаваат народот, сѐ дотогаш ќе има душокупувачи и хиени, народопретопувачи. Од нас зависи дали уште ќе спиеме со кубурот на појас, па ќе дозволиме едни да нѝ ги продаваат душите, а други да нѐ распарталат и претопат, та целата работа да испадне лечење болест по смрт.