Скандалозна и противзаконска е одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата да не го обелодени анкетниот лист на поранешниот претседател на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, за тоа колку се збогатил за време на десетгодишното владеење, реагираат денеска од ЛДП.
-Претседателот на Антикорупциската комисија со самото прашање до новинарите, за тоа “зошто ги интересира имотната состојба на Груевски?“, стана соучесник во партизирањето и на оваа институција, директно кршејќи го член 33 од Законот за спречување на корупцијата, каде јасно стои дека носителите на јавна функција имаат обврска во рок од 30 дена од стапувањето на должност да пополнат анкетен лист за имотната состојба. Истото важи и при напуштањето или преземањето на нова функција, се вели во соопштението на ЛДП.
Од ЛДП додаваат дека вчерашната прес-конференција на претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата наликувала на гротеска и била неуспешен обид невешто, неумешно и со уличарски речник да се замајува јавноста, се’ со цел заобиколување на вистината.