ЛДП: Пратениците на ДПМНЕ не смеат да се ставаат во улога на бранители на криминалите на врхушката на партијата

by Fokus

Никола  Груевски да престане да се крие зад бескрајните реплики и контрареплики и на мирен начин да ја предаде власта која граѓаните му ја одзедоа на 11 декември, минатата година, реагираа од ЛДП.

– Раководството на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш потврди дека е антидржавно par excellence, со тоа што сега една недела го блокира и конституирањето на Собранието на Република Македонија. Никола Груевски треба да сфати дека е опозиција и од тој факт бегање нема. ДПМНЕ најгрубо го кршат Уставот во неговите темелни вредности, како владеењето на правото и правната држава, политичкиот плурализам, прифаќање на резултатите од слободните, непосредните и демократски избори и почитувањето на волјата на мнозинството – се наведува во партиското соопштение.

Според нив, режимот е на самиот крај и неопходно е пратениците да разберат дека апсолутно никој, а најмалку тие како претставници на ВМРО-ДПМНЕ, нема да го сопрат падот на еден трул и временски надминат систем на владеење.

-Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не смеат да се ставаат во улога на бранители на криминалите на врхушката на партијата. Тие треба да знаат дека со ваквите постапки стануваат соучесници во незаконското и нелигитимно задржување на власта.
ЛДП бара веднаш да се одблокира работата на Собранието, со цел да се избере новата реформска и легитимна Влада која ќе донесе подобар живот за сите граѓани на Македонија – стои во соопштението на ЛДП..

Поврзани новости