Никола Груевски да понесе политичка и морална одговорност за масовното прислушување, за кршењето на основните човекови права и уништувањето на демократијата воопшто, поррача ЛДП.
„Наместо да се крие зад фејсбук пораки за изградба на локални патишта и канализации, Груевски да излезе пред македонската јавност и да се извини за големата лага за „странските служби и жолтите комбиња“, за лагите и убедувањата дека прислушуваните материјали во „бомбите“биле сечени, лепени и монтирани.
Да се извини за злоупотребата на прислушните апарати, зошто јасно е како ден кој масовно прислушкувал во оваа држава и за чии потреби. А сега, сосема е јасно и зошто Груевски не се појавува на рочиштата за случајот „Пуч“, затоа што и самиот знае дека од сведок многу лесно може да премине во главен осомничен.
Молчењето на Груевски за случајот „Таргет“ само ја потврдува неговата длабока инволвираност во овој криминално–политички и патолошки процес“, се вели во партиското соопштение.
И да се скрие во мечкина дупка, вели ЛДП, вистината и правдата ќе го стасаат Груевски.
„ЛДП стои на ставот дека овие судови не можат да ја истераат правдата на виделина. Особено не, по најновиот скандал во Основниот суд Скопје и воопшто во правосудството во државата. Судовите мора да се исчистат од „сваровски“ судиите , но и од оние на кои судовите им се ‘чешмиче’ и ‘дуќанче’. СЈО не смее веќе да се потпира на овие судови , затоа укажуваме до македонската и меѓународната јавноста на нужноста од формирање на специјален судски оддел кој ќе ги процесуира обвиненијата на СЈО.
Во оваа држава конечно мора да се врати правдата и владеењето на правото“,соопшти ЛДП.