И по една недела од доделувањето на мандатот, Никола Груевски не успева да формира влада. Напротив, тој и натаму си игра со трпението на граѓаните, кои јасно на 11 декември гласаа за промени и смена на режимот, реагира денеска ЛДП.
-Сите оние политичари кои се осомничени од СЈО за криминал, не можат и не смеат да формираат влада. Затоа, го повикуваме Груевски да го врати мандатот, бидејќи на државата и е потребна влада која ќе започне темелни реформи базирани врз препораките од извештајот на Прибе. Во Македонија мора да се врати владеењето на правото и почитувањето на институциите на системот. Меѓу приоритетите на новата влада ќе бидат и реформите за независно судство, како и продолжување на работата на СЈО. И конечно, започнување на судски процеси против сите функционери на власта и корумпираните елити, инволвирани во криминал, корупција и изборни измами. Македонија веќе не смее да биде земја на омрази, делби и сиромаштија, туку стабилна држава која ќе цели на патот на европеизацијата и на НАТО, се вели во соопштението.