Почитуван директоре, наместо да ги казнувате докторите кои што совесно работеле, вие треба самиот да се казните, бидејќи сте извршиле лоша проценка на годишните потреби на реагенси во битолската Клиничка болница. Треба да се самоказни и министерот затоа што ве назначил вас за директор. Треба да си заминете од функцијата затоа што се обидовте да ја сокриете вистината и вината за лошата состојба во битолското здравство да ја префрлите на докторите. Со вакви обвинувања на адреса на директорот во болницата, излегоа од ЛДП, кои пред неколку дена го обелоденија скандалот со немањето реагенси на нуклеарна медицина.
– Укажавме дека е загрозено здравјето на многу пациенти од целиот регион, поради неможноста да се извршуваат навремени прегледи. Како и секогаш пристигна демант, дека манипулираме и дека тие се безгрешни. Им требаа два дена да се соземат, да најдат виновник и да излезат на прес со кој потврдуваат дека нашите информации се точни, дека реагенси нема, но дека за тоа биле виновни докторите кои вршеле многу прегледи – тврди Горан Милевски, потпретседател на ЛДП.
Според него, преку проектот Мој термин, докторите се принудени да прегледуваат и по 20 пациенти на ден, а до колку не го исполнат бараниот учинок ќе добијат намалена плата и казна.
– И наместо да ги наградите оние, кои најповеќе работеле, вие повторно им се заканувате со казни затоа што со нивната зголемена работа ви ги потрошиле реагенсите. Се прашуваме зошто сте го оставиле одделението како што кажувате од шести месец без реагенси. Зошто не сте извршиле интервентна набавка на нови реагенси овој период. што чекавте Директоре? Навистина скандалозно и недозволиво однесување – истакна Милевски.