Лажните месии

by Фокус

Потенцијалните мали водачи ги презентираа своите месијански идеи и програми, се додворуваа и ветуваа сѐ и сешто. Во стилот на легендарниот некогашен кратовски Ел Патрон, Љубисав Иванов-Sинго, кој на партиски митинг во едно испустено село, на преостанатите доодени жители им ветуваше дека ќе направи сѐ, „па и деца ако треба, ќе ви направиме!

Пишува: Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Настапи новата година, почитувани граѓани! Уште ли сте мамурни? Се надевате дека ќе го здогледате светлото во тунелот? Или ги чекате следните месии?

До кога ќе ја повторувате историјата – го отпишувате едниот „Спасител“, за да изберете и да ставите во прегратка друг? Уште ли ќе бидете клиенти и доброволни заложници на лажни месии изгубени во преводот?

Самостојната држава добиена на тацна, која денешните родоотстапници еуфемистички ја нарекуваат „Нашата земја“, три децении и кусур транзитира кон „Едно општество за сите“. Истовремено и кон европското семејство, кое, инаку, не планира да се проширува!

Бесконечното патување трае сѐ уште, затоа што уште во мугрите на демократската пролет лажните месии фатија погрешен воз и ги утнаа сите станици.

АЈЛЕ ПОЛИТИЧАРИ

Нема таква држава, во која владее глупост и сѐ е можно. Без создадена нација, како историска заедница проникната со свест за заедничка припадност на сите граѓани.

Има само каква-таква (псевдо)држава со етноприпадници, во која властодршците го дрилаат мнозинскиот македонски народ сам да си го избрише идентитетот.

Самостојна Македонија има ајле политичари, но немала и нема да може да има големи водачи, државници. Разликата меѓу нив е во тоа што малите, суетни политичари се преокупирани со исполнување на обврските кон менторите и кукловодите, за да можат да ја оправдаат довербата за следните избори.

Државниците, пак, имаат визии и мислат за иднината и генерациите што доаѓаат. Черчил и Де Гол губеле избори, но во историјата добиле свое место како државници. Истото се однесува и за Абрахам Линколн, Кемал Ататурк, Конрад Аденауер, Хелмут Кол и Јосип Броз Тито.

Самракот „месијански комплекс“ почна уште во раните 1990-ти. Психолошка аберација според името на библискиот месија, готов да се жртвува заради спасување на својот народ.

Изнедрените лажни месии, збирштина од полит-арамиски термити, создадоа криминален картел на кланови од автошовинистички социјалдемократи, вмровски квазипатриоти и дуизирани етношовинисти.

Пред зграпчувањето на власта, овие ликови без биографии обезбедуваа публика на трибините и партиските собири, за чие присуството не наплаќаа влезници, не бараа пропусници и немаше потреба од прелиминарни тестирања за лојалност.

Потенцијалните мали водачи ги презентираа своите месијански идеи и програми, се додворуваа и ветуваа сѐ и сешто. Во стилот на легендарниот некогашен кратовски Ел Патрон, Љубисав Иванов-Sинго, кој на партиски митинг во едно испустено село, на преостанатите доодени жители им ветуваше дека ќе направи сѐ, „па и деца ако треба, ќе ви направиме!

МАФИЈАДОНИЈА АД

Во стилот на народната поговорка: „Стави на јадица пофалби, за да уловиш будали“, лажните месии се прогласија себеси за жртвени јарци, ќарувајќи популарност меѓу народот, од кого за возврат очекуваа да бидат обожувани дека секогаш се во право, дури и кога не се.

Така, постепено ја трансформираа државата во криминална територија, прекрстувајќи ја во Северна, иако нема јужна.

Прогнозите и оценките за моделирање и однесување за потенцијално инсталирање лажни месии во чурук државите, претставуваат класична разузнавачка метода.

Во креирањето на базата на податоци, како разузнавач сум изготвувал такви полит-психолошки профили, во кои се анализираат подготвуваните и инсталирани мали водачи за еднократна употреба во земјите од нашето поблиско и подалечно опкружување.

Основниот психолошки профил на октроираните ликови се нивната анационалност, коруптивност, нагласената желба да бидат во центарот на вниманието, нарцисоидност, склоност за глумење и драматизирање, егоцентричност, отсуство на емпатија, неподнесување критика и поинакво мислење, вештина на манипулација.

Конечно, кога ќе се доберат до власт, „Спасителите“ го практицираат испробаниот принцип на негативна кадровска селекција, кон кои имаат амбивалентен однос.

Патем, го с’скаат народот меѓусебно „очи да си вади“ и ветуваат неверојатни идни успеси, какви „арамиите пред нив ниту на сон не можеле да постигнат“. Сo ваков модус операнди, троглавата аждаја од статус кво партиите го трасира и создаде патот кон небиднината.

Нели е стига повеќе од три децении да се верува, моли и крсти во „Папата“, „Мона Лиза“, „Пастирот“, „Муртинецот“ и „Таче“, тој „генијален групен портрет на лажни месии, изнедрени од транзициското дувло?

Месијански конзорциум на sui generis направијата Мафијадонија АД со неограничена неодговорност!

Поврзани новости