Лажни вести со опасни последици, тврди професорката Стојаноска-Иванова

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Лажните вести, посебно кога станува збор за млади лица и за одреден вид на девијација, во случајов опојни дроги можат да бидат многу опасни и сами по себе да предизвикаат низа последици кај децата, но и во рамките на целото семејство, вели во изјава за „Фокус“, проф. д-р Татјана Стојаноска-Иванова од Институтот за социологија.

„Имено, дезинформациите поврзани со различни видови на наркотици, штетноста од нивната злоупотреба се навистина сериозен проблем и посебно денес, во ерата на масовните медиуми, знаат да бидат цел на дезинформации и предизвикуваат првенствено страв, паника, негативни емоции, недоверба во Институциите на системот.

 

Најпрво кај самата личност, младиот човек стресот и стравот е круцијален дека некој на негова возраст го загубил животот користејќи наркотици и психотропни супстанции, при тоа, тие не ги земал доброволно, туку му биле ставени во пијалок или подметнати“, вели професорката Стојаноска.

Според неа, стравот и стресот и дополнителни негативни емоции се потхрануваат со самата вест дека наркотиците се подметнати и во тој случај се јавува дополнителна паника кај дел од децата, кога излегуваат да се плашат, цело време да бидат под стрес и тоа време кога се слободни и треба да се дружат со своите врсници и да разменуваат позитивни емоции, тие ќе бидат под стрес и паника да не им се случи и ним истото.

Второ родителите, читајќи за ваквите информации ќе забрануваат чести, но и повремени средби на места за дружење со своите врсници и така се јавува дополнително негативно чувство и кај родителот, кој сака да го заштите своето дете, но и кај детето . Се јавува и морална дилема.

Дали да го пуштам своето дете да оди со врсниците, при тоа да го предупредам на сите штетности и можни ризици или да го оддалечам од врсниците и на тој начин ќе го заштитам од можноста да биде изложен на опасност од злоупотреба на наркотици, морални дилеми кои и те како се тешки, објаснува професорката.

Како и во неколку наврати што е пишувано, недовербата и сомневањето во системот ја има главната улога за овие вести да се шират со брзина на светлината.

„Она што е исто така значајно е недовербата и сомневањето во институциите на системот, брзото ширење на лажни вести придонесува да секој реагира бурно дека институциите треба побрзо и поревносно да реагираат, дека треба да бидат поефикасни и сето тоа ја потхранува недовербата во оние институции одговорни за тоа“, објаснува професорката.

Сите тие вести, според Стојаноска не се мотивирачки за младите, туку на некој начин прават голема штета.

„ Мотивацијата може да се гледа од една друга перспектива, од аспект на повеќе говорење и медиумска промоција на штетноста од наркотици и психотропни супстанции, од организирае на трибини и дебати за тој тип на девијации, од мотивирање на едукаторите во училиштата за јавно говорење, дури и преку примери за тоа што се може д предизвика наркотикот.
Само со една сеопфатна кампања може да се намали процентот на уживатели, но и да се придонесе кон демистификација на лажните вести, вели Стојановска.

Како што веќе објави „Фокус“,  информацијата сама по себе е морбидна, а уште поморбиден е начинот на кој беше пренесувана на Фејсбук и на Твитер. Почна оркестрирана хајка.

Во случајот, станува збор за страшен настан, кој и да се случил мора да се провери пред што било да се објави. Не дека во Македонија не се случуваат морбидни работи, не дека не се трудат дел од нив и да се забошотат, но, сепак, овде станува збор за сериозни обвинувања за починати девет тинејџери од опојна дрога во рок од неколку дена.

Марина Тунева, медиумски експерт во изјава за „Фокус“ потврди дека медиумите кои се придржуваат до начелата на професионално работење имаат голема улога во претставувањето на вистината, вели Тунева.

„Луѓето мора да знаат што е вистинито, а што не. Без активно вклучување на професионалните медиуми во борбата со дезинформациите, но и на сите оние коишто можат да помогнат, како, на пример, образовните институции и граѓанскиот сектор, единствените што ќе зборуваат ќе бидат оние коишто имаат некаков интерес или мотив од креирањето и споделувањето такви содржини.

 

Секако, голема е и улогата на институциите во навременото информирање на јавноста. Да не заборавиме и дека дезинформациите ќе постојат сè додека е „профитабилно“ да се лаже“, вели Тунева.

Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Поврзани новости