Лани му ја украдоа заштедата од 15.000 евра, вчера и синтисајзерот: Музичарот Иво Далтон повторно жртва на крадци во Скопје!

by fokus

Музичарот Иво Илиев, познат во јавноста како Далтон, синоќа остана без својот инструмент од кој што заработува за живот, синтисајзер Роланд фантом Г6. Дрските крадци го искршиле стаклото на неговиот автомобил кој што бил паркиран во близина на ,,Ла Тана”, и го одзеле скапиот инструмент кој што се наоѓал во гепекот на колата.

Настанот е пријавен во полиција, а музичарот апелира доколку негови колеги слушнат дека некој продава синтисајзер од марката Роланд фантом Г6, веднаш да го контактираат, во случај да се работи за украдениот инструмент. Ова не е прв пат Далтон да биде жртва на арамии.

Минатата година, за време на викенд, додека тој бил на настап, крадци влегле во неговиот стан, од каде украле 15.000 евра. Тогаш тој изјави дека парите ги чувал во плакар, а ги собирал долг период за да си купи стан.

Долга е листата на музичари кои што во изминатиот период биле мета на крадци. Многу од нив останале без своите инструменти, микрофони, па и пари. Лани во октомври на зурлаџијата Џејљо Дестановски пред МКЦ му беше скршено стаклото на автомобилот и крадците го одзеле куферот во кој се наоѓале неговата гајда, зурла и кавал.

-Вредноста на инструментите е навистина висока, но ова не е прв пат да бидам жртва на крадци. Пред една година додека имав концерт со ,,Танец” во МНТ, иста случка, тогаш ми го украдоа синтисајзерот – ни раскажа Дестановски веднаш по настанот.

И музичарот Киме Јакимовски минатата година остана без два синтисајзери, од марките Роланд Г – 600 и Корг Па -600. Неговото возило било обиено во Аеродром, додека било паркирано пред влезната врата на салон на ,,Нептун”. Тогаш тој на социјалните мрежи нудеше награда од 500 евра за информација која ќе доведе до арамиите.

Музичарите се загрижени поради случувањата и веруваат дека некој многу добро ја следи нивната работа. Сметаат дека кражбите се дело на некој кој добро ја познава состојбата на естрадата и ја знае вредноста на инструментите. Познато е дека за време на настапите многу од нив добиваат бакшиш, па апелираат парите да се чуваат во банка.

Вики Клинчарова

Поврзани новости