Квалитетот на воздухот во Европа е подобрен, но се уште е со смртни последици

by Fokus

Во текот на последната деценија, подобриот квалитет на воздухот доведе до значително намалување на предвремените смртни случаи во Европа, но сепак последните официјални податоци на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) покажуваат дека речиси сите Европејци сè уште страдаат од загадување на воздухот, што доведува до околу 400.000 случаи на предвремена смрт низ целиот континент.

Извештајот на ЕЕА „Квалитет на воздухот во Европа – извештај за 2020 година“ покажува дека во 2018 година шест земји-членки ја надминале дозволената вредност на Европската унија за ситни честички (ПМ2,5): Бугарија, Хрватска, Чешка, Италија, Полска и Романија.

Само четири европски земји – Естонија, Финска, Исланд и Ирска – имаа концентрации на ситни честички што беа под построгите цели на Светската здравствена организација (СЗО). Извештајот на ЕЕА регистрира дека сè уште постои несовпаѓање помеѓу законските ограничувања на ЕУ за квалитетот на воздухот и упатствата на СЗО, прашање што Европската комисија се обидува да го реши преку ревидирање на стандардите на ЕУ во рамките на Акцискиот план за нулта загадување.

Новата анализа на ЕЕА се заснова на најновите официјални податоци за квалитетот на воздухот од повеќе од 4.000 станици за мониторинг низ цела Европа во 2018 година.

ЕЕА проценува дека изложеноста на ситни честички прашина предизвикала околу 417.000 предвремени смртни случаи во 41 европски земји во 2018 година. Околу 379.000 од овие смртни случаи се случиле во ЕУ-28, а 54.000 и 19.000 предвремени смртни случаи биле предизвикани од азот диоксид (NO2) и тропосферски озон (O3).

Благодарение на подобриот квалитет на воздухот, бројот на предвремени смртни случаи како резултат на загадување со ситни честички е намален за околу 60.000 луѓе во 2018 година во споредба со 2009 година. Што се однесува до азотниот диоксид, намалувањето е уште поголемо, бидејќи бројот на предвремени смртни случаи е намален за околу 54 проценти во последната деценија. Континуираната имплементација на еколошките и климатските политики низ цела Европа е клучен фактор за подобрувањето, истакнува агенцијата

Поврзани новости