Австрискиот канцелар Себастијан Курц на самитот за Западен Балкан на Берлинскиот процес истакна дека ЕУ мора да ги исполни своите ветувања.
– Унијата мора да го засили својот ангажман, имајќи ја предвид фрустрацијата во врска со нејзината улога на Западен Балкан, рече Курц.
– Ние мора да ги исполниме нашите ветувања, рече тој, осврнувајќи се пред сè на неисполнетото ветување за отворање пристапни разговори со Тирана и Скопје, пренесоа агенциите.
Курц изрази надеж дека ќе се постигне напредок за време на словенечкото претседателство.
Тој ја поддржа иницијативата на словенечкиот премиер Јанез Јанша за одржување на Самит на ЕУ за Западен Балкан во октомври. Курц го подвлече ангажманот на Австрија за приближување на Западен Балкан кон Унијата и во тој поглед потсети на самитот што се одржа во Виена кон средината на јуни.
– Австрија секогаш ќе стои на страната на Западен Балкан, рече тој.
Според него, ЕУ е комплетна само кога сите земји од Западен Балкан ќе бидат членки на ЕУ.