Курти е сѐ уште неотворена книга

by Фокус

Во овој предизборен период, на државава најмалку ѝ се потребни вакви замешателства однадвор. Зашто не треба многу за да се пројават секакви душегрижници од соседствата, кои едвај чекаат некој да им отвори врата.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

До изборите има уште речиси цели два месеца, а предизборната атмосфера во земјава мислам дека веќе го доживеа шпицот и полека, тамам до почетокот на официјалната кампања, ќе почне да се смолкнува надолу и да се разлева како бајато тесто.

Колку и да се трудат партиите и медиумите да ја подгреат атмосферата и да ја разгорат страста кај македонскиот гласач, нешто сепак не оди.

Сите гласачи од македонскиот дел од „пеколот“ се уморни, особено оние од „патриотската“ провениенција.

Цели четири години да се викало на цел глас „избори, па избори, предвремени, па предвремени“ и за сето тоа време никако да успеат да го начекаат и да му доакаат еднаш засекогаш.

Кому? Па, на СДСМ! Да беше таа партија некоја јака, агресивна партија, насилнички настроена, да имаше во своите редови борбена фаланга, ала онаа на Ацета, уште и ќе можеше да се разбере ќор-фишекот на ВМРО-ДПМНЕ околу предвремените избори.

Ама не! Па, тие, сдсмовците, како бајчиња, целите крвави, испоискршени и искубани на 27 април, а бе глас не испуштија. Студени некои луѓе, ладнокрвни.

СДСМ МОЖЕ ДА ОДМОРАТ

Си тераа по планот, си го конституираа парламентот, си направија влада, ги издржаа сите тортури, притисоци и блокади од страна на опозицијата и без да губат концентрација ги повлекоасите оние тешки, непопуларни потези неопходни да се заокружи процесот на доправање на државата како рамноправен меѓународен субјект од европски тип.

Сега можат и да одморат. Анкетите покажуваат дека СДСМ треба да почне да се спрема за опозиција. Како што се виде, во таа партија политиката не ја доживуваат како некое срцепарателно, љубовно чувство, туку како прагматичен избор на можното, она што е изводливо да се направи за државата определувајќи ги приоритетите во тој период.

Значи, во македонскиот дел од гласачкото тело ништо интересно и изненадувачко не би требало да се очекува, барем според анкетите. А, избори се избори, можни се секакви пресврти.

Затоа, пак, во албанскиот кампус од партии ќе биде многу интересно. ДУИ се спрема за победа, можеби не очекува некоја голема разлика по бројот на пратенички мандати во новиот парламент, но, сепак, победа очекува.

Албанската опозиција тргна силовито и решена е да гази до даска за да ја исфрли од политичката сцена ДУИ.

За тоа и за политиката на опозицијата има јавна поддршка од Мицкоски, којашто на албанското гласачко тело баш ништо не му значи.

ЗАМЕШАТЕЛСТВО НЕ НИ ТРЕБА

Тоа само треба дисциплинирано да си трае и да не ги отвора старите тефтери со вокабуларот на ВМРО-ДПМНЕ околу Албанците.

Се разбира, сето ова доколку се укаже можност да се формира владино мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ.

Исто така, Беса, Огнените и Алтернатива имаат јавна поддршка, а и логистика, од косовскиот премиер Курти, нешто што во принцип некако ја замаглува и на некој начин ја прави опасна политиката на опозицијата.

Курти е сѐ уште неотворена книга. Не е омилен во Албанија, барем не од премиерот Еди Рама, со Вучиќ во Србија се гледаат преку нишан, почна да им крева прст и на Американците, овде се шеташе со „свитата“ од нашата албанска опозиција како „крал“, не споменувајќи ѝ го името на државата на чија земја гази.

Како и да е, во овој предизборен период на државава најмалку ѝ се потребни вакви замешателства однадвор. Зашто не треба многу за да се пројават секакви душегрижници од соседствата кои едвај чекаат некој да им отвори врата.

Поврзани новости