Земјата на која денес се наоѓа Винарија Душа во Волково со генерации му припаѓа на семејството на сопствениците. Пред децении ја купил прадедото на сопственикот со пари заработени градејќи железнички пруги во Америка и на неа засадил лозје. По подоцнежната поделба меѓу наследниците, правнукот Небојша Димиќ, кој исто така изградил кариера во Америка заедно со сопругата Емилија повторно ги откупиле и обединиле парцелите. Дел од тоа старо лозје и денес раѓа во дворот на винаријата, која официјално ги отвора вратите за посетители и нови вински искуства на само 10 километри од центарот на Скопје и пет минути возење од обиколницата.

Гостите со резервација можат да изберат меѓу неколку вински искуства, а секое вклучува водена тура, запознавање со процесот на производство и дегустација на четири вина: белото куве Ведрина, розето Зора, ароматичната Темјаника и новото црвено вино Допир, придружени со мезе даска или автентични македонски специјалитети. Едно од искуствата е посветено на македонските сорти Смедеревка, Темјаника, Станушина и Вранец.
Покрај старото лозје во Волково, грозјето на Душа доаѓа и од нивното лозарско земјиште во Ресава, во срцето на Тиквеш, каде што најголем дел од насадите се речиси 50-годишни лози Темјаника со концентриран род и карактер. Просторот прима помали групи до 12 луѓе и поголеми групи до 50 луѓе за приватни настани, прослави, тимски дружења и деловни средби.
Винаријата во 2023 година ја основаа Небојша и неговата сопруга Емилија Димиќ, македонски електроинженери кои живеат во САД и работеле во ИТ-индустријата, а љубовта кон виното ги одвела на студии по енологија во Сиетл.
„Во Душа се спојуваат две навидум различни работи: инженерската прецизност и креативноста што ја бара виното. Анализата и современата технологија ни се важни, но исто толку ни се важни интуицијата и почитта кон традицијата. Сакаме гостите тоа да го видат и вкусат од прва рака, од лозата до чашата“, вели Небојша Димиќ.

За Емилија Димиќ виното е повод луѓето да се соберат, да разговараат и да создадат спомени, па затоа сакале Душа да биде близу до градот, а сепак доволно далеку од секојдневието.
https://www.instagram.com/dushawinery/