Нов ценовен удар врз семејните буџети најави Кети Штерјова од СДСМ, посочувајќи дека парното од следната недела ќе поскапи за 7,56 отсто, што е трето зголемување од почетокот на годината.
Според неа, вкупното поскапување достигнало речиси 20 отсто, а просечно домаќинство ќе плаќа околу 460 денари повеќе месечно во споредба со почетокот на годината. Штерјова најави и ново поскапување на електричната енергија од 1 јануари, оценувајќи дека тоа ќе предизвика дополнителен раст на цените на храната и услугите.
На прес-конференцијата таа ја обвини Владата дека не презема мерки за ублажување на трошоците на граѓаните и дека ги одбила предлозите на СДСМ, меѓу кои и барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра.
Штерјова посочи дека, според пресметките што ги изнесе, за покривање на основните животни потреби на едно семејство се потребни околу 71.000 денари, додека минималната плата изнесува 26.000 денари. Таа оцени дека граѓаните се соочуваат со сè поголеми финансиски тешкотии, додека, како што рече, функционерите на власта уживаат во луксуз.