Курти е отворен за разговори со Белград, но не сака Заедница на српски општини

by Fokus

Косовскиот премиер Албин Курти во интервју за Радио телевизија на Косово изјави дека германско-францускиот план е добра основа за преговори за конечниот договор меѓу Белград и Приштина.

Сепак, Курти оцени дека не гледа потреба од формирање Заедница на српски општини на северот на Косово, што како прв услов за продолжување на разговорите го постави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

– Подготвен сум за разговори, преговори за правата на малцинствата, немнозинските заедници, подготвен сум за тоа. Но, мора да разберете дека е многу важно оние кои сакаат повеќе права отколку што им дава планот на Ахтисари да го носат товарот на расправија – зошто им треба повеќе. Ахтисари ја доби Нобеловата награда за мир, што би го надополнило планот на Ахтисари, кои се аргументите за неговите недостатоци? Товарот на аргументација мора да го понесат оние кои бараат нешто друго или нешто повеќе – рече Курти.

Говорејќи за враќањето на Србите во косовските институции, особено во полицијата, Курти рече дека не се согласува со моменталната ситуација и не сака да ги замени Србите кои ги напуштија институциите со Албанци.

– Многу ми е жал што дадоа оставки, мислам дека оставките се погрешни. Во принцип, никого не исклучувам од враќање, но не сум надлежен да одлучувам за критериумите наместо стручна комисија. Јасно велам, немам намера да го пополнам тој вакуум со Албанци. Ако Србите поднесоа оставки, Србите треба да бидат на тие позиции и ги повикувам сите да се пријават – рече премиерот на Косово.

Тој додаде дека не се откажува од предизборното ветување дека еден од неговите приоритети е внатрешниот дијалог со Србите, но дека во моментов не постои потребната доверба.

Поврзани новости