Култура повторно бара изведувач за новиот Драмски театар, кој ќе чини над 10 милиони евра

by fokus

По седум години минати во подготовки и промена на плановите, Министерството за култура денеска повторно објави тендер за избор на градежна компанија која што треба да го изгради новиот Драмски театар на местото на постојаниот објект изграден во далечната 1965 година, во Карпош 2. Министерството истиот тендер го распиша и во февруари, но бидејќи не бил избран најповолен понудувач, денеска осамна нов оглас на сајтот на Бирото за јавни набавки. Проценките на надлежното министерство говорат дека изградбата на објектот ќе чини 625.423.729 денари, или нешто над 10 милиони евра без вклучен ДДВ.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, времетраењето на договорот за изградба на новиот објект на Драмски театар ќе изнесува 36 месеци.

Во согласност со измени во ДУП-от за населбата Карпош 2, со вцртаната маркичка се предвидува изведба на театарско здание со максимална висина од 35 метри. Новиот Драмски театар ќе се гради на градежна парцела со површина од 4.153 метри квадратни. Со претстојниот зафат ќе се изгуби паркот и угостителскиот дел од предната страна на објектот, но затоа пак ќе се оформи надземен паркинг од спротивната страна.

Новиот Драмски театар ќе се гради врз основа на победничкото идејно решение на авторите Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ и Билјана Стојменовска од студиото „Платформа“. Архитектонскиот труд беше избран уште во текот на 2009 година. Основниот проект за ова театарско здание го изготви фирмата „Монтимпекс – Инженеринг“, која кон крајот на минатата година направи измени во проектната документација.

Надлежното министерство во декември 2014 година се обиде да најде приватен партнер за изградба на новиот објект, но бидејќи никој не беше заинстересиран, падна одлука театарот да се гради со државни пари.

 

Поврзани новости