ДС: Договорот не гарантира фер и демократски избори

by fokus

Постигнатиот договор помеѓу четирите политички партии за одржување на избори во декември 2016 година е само фрлање прашина во очите на јавноста и истиот не гарантира создавање на услови за фер, демократски и кредибилни избори, реагираат од Демократскиот сојуз.

Во реакцијата на вчера постигнатиот договор на четирите политички партии со посредство на ЕУ и САД, се вели дека од круцијално значење беа предлозите за реформите во судскиот систем, безбедноста, деполитизација на државните институции, потоа реформите во медиумите, формирање на судско одделение кое ќе постапува по предмети од СЈО, како и формирање на експертска Влада која ќе ги спроведе реформите и сл.

“Од исклучителна важност за демократизација на државата и демонтажа на еднопартискиот систем беше Македонија да биде една изборна единица, но и тие промени не се направија, ниту пак се прочисти избирачкиот список. Оттука, имајќи ги во вид сите овие отворени  прашања, како и досегашното искуство, владејачките партии да ги блокираат реформите, сосема оправдани се сомнежите дека преку договорот ќе се дојде до кредибилни избори и дека истите ќе се одржат на 11. декември”, се вели во соопштението.

Од таму додаваат дека граѓаните бараат изборите да се одржат побрзо и да се случат промени, како битен предуслов за излегување од политичката криза.

Поврзани новости